Руски дрон удрил во празно возило на шведска ТВ екипа во Запорожје

Руско беспилотно летало удрило во автомобил на екипажот на шведскиот канал ТВ4 во регионот Запорожје, пренесува „Украинска правда“.

Репортерот Јохан Фредриксон и фотографот Даниел Здолшек не се повредени во нападот. Нападот се случил вчера околу 11:30 часот по локално време. Локалните медиуми посочуваат дека нападот бил извршен и покрај тоа што медиумските работници носеле елеци и шлемови со натписот „ПРЕС“. Автомобилот бил погоден неколку моменти откако тие излегле од него.

„Овој пат имавме среќа. Рускиот дрон удри директно во задната врата од нашиот автомобил. За среќа, немаше никој во автомобилот“, рекол Фредриксон. Во нападот полесно е повреден украинскиот продуцент Олександр Павлов, а ранети се и двајца украински полицајци кои ја придружувале екипата на ТВ4.

Во нападот целосно се уништени автомобилот и опремата за снимање. Во извештајот се наведува дека вработените во ТВ4 планирале да снимаат прилог за украинската контраофанзива. Патувањето во оваа област било планирано и организирано од локалната полиција. Тимот на ТВ4 има завршено неколку обуки за безбедност, а Фредрикссон повеќе од триесет години ги следи настаните од геополитичките жаришта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.