Руски „Комерсант“: Договорот меѓу Белград и Приштина може да има сериозни геополитички последици

Белград и Приштина формално се обврзаа да воспостават економски врски, но ова може да има сериозни геополитички последици, така што ќе ја ослаби зависноста на Србија од рускиот гас и ќе обезбеди приклучување на Белград и Приштина кон безбедносниот систем предводен од САД, пишува московски Комерсант.

 Весникот наведува дека нема официјална реакција од Русија за потпишувањето на документите во Белата куќа, но дека тоа „делумно“ се појави на фејсбук-страницата на портпаролката на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова.

Комерсант пишува дека Захарова објавила фотографија од Доналд Трамп на маса, каде што наспроти него „како бубачка“ седи српскиот претседател Александар Вучиќ, кој изгледа како да е „на сослушување“.

Весникот наведува дека главната политичка новост е во точката 15 од документот, каде што Косово се согласило на годишен мораториум дека нема да бара членство во меѓународни организации, а Србија во тој период нема да ги убедува другите држави да не го признаваат Косово или да го повлечат признавањето.

Последната точка, во која се разговара за односите меѓу Белград и Приштина со Израел, е уште понеочекувана, наведува весникот.

Комерсант го цитира белградскиот аналитичар Влатко Секуловиќ, кој смета дека „израелскиот елемент“ во документот потпишан од лидерите на Белград и Приштина не само што ги зголемува изборните шанси на Трамп, туку и го зајакнува самиот договор.

Секуловиќ за весникот изјави дека обете страни ја прифатиле обврската во областа на безбедноста да ги користат најновите технологии на САД, што ќе обезбеди поврзување на Белград и Приштина со безбедносниот систем предводен од САД.

Шефот на белградскиот Центар за надворешна политика, Драган Ѓукановиќ, за московскиот весник вели дека можностите за соработка на Србија со НАТО по преговорите во Вашингтон се прошируваат.

Комерсант заклучува дека Русија очигледно уште во јуни го предупредила претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за некои позиции што влегле во конечниот текст на документот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.