Рускиот амбасадор ги повика САД да прекинат со „непријателските“ летови 

Рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов го повика во средата Вашингтон да престане со „непријателските“ летови во близина на руските граници, откако беше повикан во американскиот Стејт департмент и му беше вложен протест поради инцидентот во вторникот кога американско беспилотно летало по пресретнување на руски ловци падна во Црното Море близу Кримскиот полуостров.

„Поаѓаме од начелото дека САД би требало да се воздржат од натамошни шпекулации во медиумскиот простор и да престанат со летовите во близина на руските граници“, објави Антонов на апликацијата Telegram.

Антонов посочува дека станува збор дрон кој собирал разузнавачки податоци коишто САД потоа ги проследуваат до Киев за напади врз руски цели.

„Секоја акција во којашто се користи американско вооружување ка сметаме за непријателска. Русија не сака судир и останува отворена за прагматична соработка во интерес на народите на нашите земји“, истакнува рускиот амбасадор во Вашингтон.

Антонов во соопштението на амбасадата во врска со инцидентот со американскиот дрон порачува дека се „неприфатливи“ активностите на американската војска во непосредна близина на руските граници, како и дека на Москва ѝ се „многу добро познати целите“ за која се користат таквите беспилотни шпионски и јуришни дронови.

Рускиот дипломат реагира и на коментарот во врска со инцидентот на координаторот за стратешки комуникации во Советот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Кирби, кој рече дека американските летала вршат такви прелети на дневна основа.

„Што прават тие илјадници километри далеку од САД? Одговорот е очигледен: собираат разузнавачки информации, кои последователно ги користи киевскиот режим за напади врз нашата територија и вооружените сили“, пишува Антонов.

Амбасадорот притоа поставува реторичко прашање како би постапиле САД во обратна ситуација.

„Ако, на пример, се појави руско јуришно беспилотно летало во близина на Њујорк или Сан Франциско, каква би била реакцијата на американското воено воздухопловство и морнарица?! Сигурен сум дека акциите на американската војска ќе бидат бескомпромисни, не дозволувајќи ‘пробивање’ на нејзиниот воздушен или поморски простор“, истакнува Антонов.

Притоа наведува дека Москва очекува САД да се „воздржат“ од „дополнителни шпекулации во медиумскиот простор“ и особено дека ќе „престанат со летовите во близина на руските граници“.

Изјавата на амбасадорот Антонов доаѓа по инцидентот кога САД во вторникот соопштија дека руски воени авиони пресретнале и оштетиле американско беспилотно летало „MQ-9 Reaper“ над Црното Море, што предизвикало негово уривање. Русија соопшти дека нејзините борбени авиони не дошле во контакт со американско беспилотно летало кое се урна во Црното Море, велејќи дека дронот паднал поради „остри маневрирање“.

Москва објаснува дека руските ловци забележале американско беспилотно летало како се приближува до руската граница во „областа на полуостровот Крим“. „Руските ловци не го употребија своето оружје, не стапија во контакт со дронот и безбедно се вратија на матичниот аеродром“, соопшти Министерството за одбрана. Русија наведува и дека дронот летал „со исклучени транспондери“ и дека „го прекршил привремениот режим на користење на тој воздушен простор воспоставен поради специјална воена операција“ во Украина.

Овој инцидент, пак, дојде откако се испостави дека според податоците на интернет ресурсот за следење летови FlightRadar24, американски стратешки бомбардер „B-52Н Stratofortress“ со повикувачка ознака NOBLE61 кон крајот на минатата седмица маневрирал над Балтикот на околи 200 километри од руската метропола Санкт Петербург. Бобардерот кој е носи нуклеарно оружје полетал од полски аеродром, прелетал над Естонија, Летонија и Литванија, свртел околу островот Гогланд во Финскиот залив и се упатил кон Велика Британија. Подоцна беше објавена дека авионот бил на тренажен лет за увежбување нуклеарен удар во ткн „северна престолнина“ на Русија.

Минатата седмица на повеќе часови беше затворен воздушниот простор над Санкт Петербург, но официјална Москва тоа го објасни со истата активност во областа на Москва каде што се урна беспилотно летало од непознато потекло.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.