Руските сили напредуваат на југоистокот, Лондон не очекува поголемо придвижување на теренот

Руските сили оваа седмица напредувале во новите напади во југоисточните региони во Украина, признаа британските воени функционери но ги минимизираат тие напредувања и не очекуваат да дојде до големо поместување на теренот.

Руското министерство за одбрана изминатата седмица извести за низа заземени места на граничните области на регионите Доњецк и Запорожје кои сѐ уште се под контрола на руската војска, а во вторникот извести дека го продолжуваат постепеното но континуирано напредување нанесувајќи им големи загуби на украинските единици. Според истиот извор, во понеделникот на три правци на линијата на фронтот во судирите загинале околу 150 украински војници, а руските трупи заземале нови поволни позиции.

Според објавите од проруските бунтовници од Доњецк и руското министерство за одбрана, руските единици имаат сигурни позиции околу рударскиот град Угледар во чии населби се навлезени, а Киев потврди дека се водат жестоки борби но тврди дека украинските сили го одбиле рускиот напад и им нанеле големи загуби.

Според британското министерство за одбрана кое се повикува на разузнавачки податоци, а за кои агенцијата Reuters редовно наведува дека како и оние од Москва не можат да се проверат од независни извори и од теренот, руските единици го напаѓале Угледар со „бригада од неколку илјада војници“, што не кореспондира со формациските состави, како и дека напредувале „неколку стотина метри од реката Каслач“ којашто со месеци била линија на раздвојување.

„Постои реална можност дека руските сили ќе продолжат да продираат во таа област, но не е изгледно дела ќе остварат значителна промена на теренот“, објави во вторникот британското министерство за одбрана.

Руската војска со нападот на Угледар, како што тврдат британските извори, сака истовремено да ги одврати украинските сили од зајакнување на единиците во опколениот Бахмут, град кој е посеверно и во кој последната седмица се водат жестоки улични борби.

Угледар е на најјужната точка на источниот фронт во Украина и од него се отвора простор кој железничката линија важна за снабдување на силите во соседниот јужен фронт. Британските воени стручњаци сметаат дека Русија е решителна да заземе што повеќе територија следните неколку месеци, пред Киев да ги добие на располагање ветените германски и американски тенкови и оклопни возила за да започне противофанзива.

Други, пак, предупредуваат дека Русија се подготвува за голема офанзива, имајќи ги предвид последните разместувања на воените единици поблизу до украинската граница, како и постојаното присуство на руски комбинирани воени единици во соседна Белорусија, од каде што може да ја повтори офанзивата кон украинската престолнина Киев како на почетокот на својата инвазија ланскиот февруари.