Руските војници го минаа Еуфрат во насока на сириско-турската граница

Руските сили во средата ја минаа сириската река Еуфрат во насока на турската граница, врз основа на руско-турскиот договор за повлекувањето на силите на сириските Курди, соопшти руското министерство за одбрана.

„Денеска (среда) во 12 часот (11 часот по македонско време), конвој на руската воена полиција го мина Еуфрат во насока на сириско-турската граница“, соопшти руското министерство за одбрана.

Се додава дека руската воена полиција ќе „помага во повлекувањето на Единиците за заштита на народот (YPG – курдските борци) и во нивното разоружување во длабочина од 30 километри“, на поголемиот дел од сирискиот североисток покрај границата со Турција.

Врз основа на договорот кој во вторникот во црноморското летувалиште Сочи го постигнаа рускиот и турскиот претседател, Владимир Путин односно Реџеп Тајип Ердоган, 150 часа по 11 часот по македонско време во средата, во оваа област ќе патролираат руски и турски воени патроли.

Руското министерство, исто така, објави мапа на североистокот од Сирија на која се означени 15 сириски контролни пунктови на границата.

Во прв ред, како што пренесува новинската агенција РИА, припадниците на силите кои ги испрати Русија се сретнале со челниците на сирискиот курдски град Кобане, кој стана симбол на отпорот кон џихадистичката групација Исламска држава. Руските воени полицајци и во оваа област треба да вршат патролирање.

Врз основа на руско-турскиот договор, Турција сепак ја задржала контролата над една друга област на сирискиот североисток долга 129 километри во која нејзината војска е веќе присутна. Оваа област беше заземена во текот на турската воена операција „Извор на мирот“ во соседна Сирија насочена притув курдските сили која започна на 9-ти октомври.