Русковска до Јанева: Од алчност ја предаде довербата на народот

Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска во воведниот збор посочи дека во текот на судскиот процес ќе ја докаже винаата на тројцата обвинети во „Рекет“.

За Јанева кажа дека влегла во филмот на Бојан како самопрогласената естрадна ѕвезда и дозволила тој да влијае врз неа.

– Имаше еден филм „Чарлиеви ангели“ и една госпоѓа која влезе во филм на една естрадна звезда Бојан Јовановски и мислеше дека никој ништо не ѝ може. Може ќе слушнете дека тоа што го направи Катица Јанева е поради наивност или осаменост, но обвинителството има несоборливи докази дека од алчност ја предаде довербата на народот, дека свесно и со умисла ѝ изнесувала детали од истрагата на самонаречената естрадна звезда Боки Јовановски што е спротивно на ЗКП – рече Русковска во воведниот говор на рочиштето за „Рекет“.

Обвинителството ќе докаже дека таа изнесувала доверливи податоци од истрагата, овозможувајќи му да бара пари за олеснување на истрагата против Орце Камчев, осомничен во „Империја“, најави Русковска.

„Ќе слушнете дека молеле Орце и Ана Камчеви да се спаси тој како осомничен. Не е така, ќе видите од сведочењата, кои мене не ме оставија рамнодушна. Ќе чуете дека Зоран Милевски сакал да му помогне на Камчев оти го сакал како брат. А не заборавил да ја земе торбата од еден милион евра. Многу е, и за брат да е. Тука не е оштетен сведокот. Тука најмногу сме оштетени ние, граѓаните“, рече Рускоска.

Боки 13 е обвинет за кривично дело „Примање награда за противзаконито влијание“ и за „Перење пари и други приноси од казниво дело“. Јанева е обвинета за „Злоупотреба на службената положба и овластување“, а Милевски за „Примање награда за противзаконито влијание“.