Русковска: Го прашав сопственикот на „Беса Транс“ дали носеле канти со гориво, вика нема шанси!

Четири автобуси тргнале од Турција, но тие ја минале границата со Бугарија во различен период бидејќи дел од патниците инсистирале да одат на шопинг, а токму ова е причината за тоа зошто конвојот се раздвоил.

Обвинителката Вилма Рускоска во изјава за Телма телевизија ги истакнува деталите кои на обвинителите за несреќата им ги открил сопственикот на „Беса Транс“.

Таа вели дека и тој бил еден од возачите.

„Всушност сопственикот бил и како втор возач. Кажа дека овој автобус возел позади нив. Значи тие веќе биле стигнати на граничниот премин во Бугарија, по излегување од Турција, а овие биле еден или два автобуси позади нив. Тогаш ми кажа дека тој и сопругата биле во тој вториот автобус, додека пак во четвртиот биле неговите деца“, истакна Рускоска.

Според неа, сопственикот бил видно вознемирен и потресен.

„Го прашав дали носеле резервни канти со гориво, вика нема шанси тоа да се случило“, вели Рускоска која додава и дека го прашала за патниците дали е можно тие да носеле нешто, но сопственикот бил дециден дека не се случило тоа.

Во автобуската несреќа во Бугарија што се случи на автопатот „Струма“ на 23 ноември загинаа 45 лица, а седуммина кои беа повредени, беа хоспитализирани во софиската болница.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.