Русковска: Нема потреба да се правдаме за притворот на Чавков

Претседателката на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска вели дека нема причина да се сомнева на наодите на Бирото за јавна безбедност за опасноста од бегство на Митко Чавков. Таа вели дека и верува на полицијата која го известила обвинителството дека Чавков планира да бега.

Ексдиректорот на БЈБ, Митко Чавков, вчера заврши во истражниот затворот во Шуто Оризари. Судот на Чавков му одреди нов 30 дневен притвор. Решението за одредување на притворот се базира на службена белешка од сознанија добиени од негов пријател, кој јавил дека Чавков има вила на Халкидики каде планирал да избега пред да му биде изречена пресудата за 27 април.

Чавков е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок, како носител на златната команда во оперативниот штаб за инцидентите на 27-ми април. Неговиот адвокат, Сашо Дуковски, во телефонски разговор, за Телма кажа дека притворањето на само два дена пред изрекување на пресудата значи дека таа е веќе донесена и казната е драконска, односно 14 години затвор.