Русковска останува обвинителка во случајот „Меѓународен сојуз“

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска останува обвинителка во случајот „Меѓународен сојуз“. Барањето за нејзино изземање пред стартот на минатото рочиште го поднесе Фросина Ременски, а потоа во судница кон него се приклучи и Бојан Јовановски-Боки 13. Одлуката дека тоа е одбиено беше соопштена на стартот на денешното рочиште во Основниот кривичен суд во Скопје.

Решението од Јавното обвинителство дека се одбиваат барањата како неосновани на судот го предаде Русковска.

Барањето беше и причината за пролонгирањето на стартот на овој судски процес, чие прво рочиште беше закажано на 1 јули.

Ременски тогаш како причини за изземање на Русковска ги наведе селективноста, попречување на правдата и кршење на нејзините права како обвинета. Јовановски, исто така, ја обвини Русковска за селективно и тенденциозно постапување, како и за тортура врз него. Обвинителката, пак, тогаш рече дека смета оти барањето е неосновано.

Јовановски во предметот е првообвинет за кривичните дела перење пари и за измама, а Ременски е третообвинета за помагање во делото измама. Заменик-претседателката на невладината организација „Меѓународен сојуз“ – Скопје, Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, и асистентката на Боки, Христина Блажевска, пак, се обвинети за помагање во двете дела. Неговиот татко, Миле Јовановски, се товари за помагање во перењето пари, како и неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје бидејќи при претрес во неговиот дом биле пронајдени три полуавтоматски пиштоли и муниција за кои немал дозвола. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Во овој предмет обвинителството тврди дека двајца бизнисмени биле доведени во заблуда и измамени преку проекти за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилни сервиси, па преку Македонската авторска агенција исплатиле речиси еден милион евра, за едниот проект сума од 719.905, а за другиот 233.821 евра. Од друга страна, пак, Јовановски неколкупати досега го коментираше овој предмет за време на рочиштата во „Рекет“ и тврдеше дека станува збор за небулозни тврдења на обвинителството и за уште еден конструиран случај.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.