Русковска: Јавниот обвинител не може да се меша во конкретните предмети на обвинителите

Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал Вилма Русковска го оспорува извештајот изготвен од Јавното обвинителството на Љубомир Јовески, во однос на претресот во Управата за финансиска полиција. Таа за Алсат вели дека јавниот обвинител нема законско право да се меша во постапувањето по конкретен предмет. Претходно од ОЈО соопштија дека констатирале неправилности кај обвинителите што извршија претрес на работата на Арафат Муареми. Оттаму додаваат дека од обвинителките биле побарани одредени информации, но Русковска негира дека и таа била повикана да даде изјава.

„Само еден од јавните обвинители постапи по задолжението и ја достави бараната информација. Одбивањето да се даде бараната информација за да се утврдат фактите за постапувањето по конкретниот предмет, го поткрепува сомнежот за недоследности во постапувањето“, велат од ОЈО.

„Не, од мене не е побарано да доставам изјава“, изјави Вилма Русковска – шефица на Обвинителство за гонење организиран криминал.

Понатаму, од ОЈО информираат дека лицата од Управата над кои се вршел претресот имаат полициски овластувања, па затоа за нив може да постапува единствено Специјализираното одделение за гонење кривични дела извршени од лица со полициски овластувања.

„Според тоа, тројцата јавни обвинители од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција кои постапувале по овој предмет, а не се дел од Специјализираното одделение, ненадлежно постапувале по кривичната пријава. Јавниот обвинител на Република Северна Македонија укажува дека предметот треба да се заведе во соодветен уписник и согласно распоредот да се додели на јавен обвинител кој е распореден во Специјализираното одделение“, нагласуваат од ОЈО.

„Прашање е дали директорот има полициски овластувања со оглед на тоа што го именува Владата. Во секој случај, предметот може да се презаведе од еден уписник во друг и тоа е законски“, рече Вилма Русковска – Шефица на Обвинителство за гонење организиран криминал.

ОЈО утврдило неправилности и при барањето за претрес, што го одобрил надлежниот судија.

„Анонимната кривична пријава и конкретните наводи во неа, непоткрепени со ниту еден доказ или со други средства, можат да бидат повод за поведување кривична постапка, но таа не обезбедува определен степен на веројатност дека ќе се пронајдат траги на кривичното дело или предмети важни за кривичната постапка за да има основи за барање на претрес на простории на државен орган и претрес на лице“, велат од ОЈО.

„Тоа дали има основи за издавање наредба за претрес одлучува Судот, не јавниот обвинител. Доколку некој сметал дека претресот е незаконит, можел да вложи жалба до Кривичниот совет на Судот. Колку што ми е познато, таква жалба не е вложена“, изјави Вилма Русковска.

Јовески денеска ја задолжи Русковска целосно да го испита постапувањето по овој предмет, и да му ги достави информациите за пропустите во постапувањето и фактите за евентуална одговорност.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.