Русковска за Канал 5: Веднаш штом добивме сознанија за можно бегство, побаравме притвор

Обвинителството за организиран криминал во петокот по завршните зборови за „Таргет-Тврдина“ го информирало МВР со цел, како што велат, да се преземат превентивни мерки, но шефицата на обвинителството Вилма Русковска за Канал 5 вели дека немале законски основ да побараат притвор.

Таков основ, тврди, добиле дури во саботата во 23 часот, откако МВР со нив ги споделило првите индиции дека можеби се подготвува бегство на обвинетиот Сашо Мијалков.

Во неделата утрото по направените неопходни проверки, изготвен е предлог за определување на притвор. Во 12,00 часот со цел да обезбеди услови за прием на предлогот за притвор, обвинителството го известило кривичниот суд како и Министерството за внатрешни работи. По исполнување на административните процедури, обвинителите Ленче Ристовска и Трајче Пеливанов во 14,30 часот се упатиле кон Кривичниот суд, каде во 15,00 часот Предлогот за определување на притвор е примен од судот.

Решението мерка куќен притвор и 24 часовен видео и аудио надзор на Мијалков од страна на обвинителството е примено во 18,45 часот. Во меѓувреме, до приемот на решението, јавните обвинители се известувани од надлежни лица во Министерството за внатрешни работи дека имаат визуелен контакт со обвинетиот Мијалков и дека тој не е избеган.

Околу 21,20 часот обвинителството е известено дека има проблем со врачување на решението за притвор, по што во 21,47 е потврдено дека обвинетиот Мијалков не е пронајден.

„Имајќи го предвид фактот дека во моментот на изготвување на предлогот за определување на мерка притвор, како и во моментот на нејзиното поднесување до судот, обвинетиот Мијалков не бил во бегство, обвинителството смета дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело Помагање на сторител по извршено кривично дело од член 365 од Кривичниот законик заради што ќе ги преземе сите неопходни мерки за расчистување на ваквите сомненија​“, стои во соопштеието од Јавното обвинителство..

Од Судот претходно отфрлија секаква одговорност, и велат дека иако имале 24 часа да одлучуваат за барањето, но оти тоа го сториле веднаш. Од Министерството за внатрешни работи, пак, не откриваат какви сознанија имале и што преземале до Решението на Судот.