Русковска за „софтверот на Рашковски: Истражителите обезбедуваат документите

Шефицата на обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, вели дека истражителите од обвинителството се во постојан контакт со лицата кои треба да ги обезбедат документите во врска со случајот со набавката на софтверот од генералниот секретаријат на Владата во време на Драги Рашковски.

Меѓутоа, таа не сакаше да сподели повеќе детали од првичното соопштение дека отвориле предистрага по допрен глас, нагласувајќи дека се во почетна фаза на предметот.

„Не можам да ви кажам повеќе од она што го имавме во соопштението затоа што се отвори предмет и ги извадивме сите јавно достапни информации. Се напишаа повеќе наредби, истражители од Основното јавно обвинителство за гонење се во постојан контакт со лицата кои треба да ни ги обезбедат документите кои ги бараме и откако ќе ја обезбедиме, ќе се види документацијата и ќе видиме кои чекори ќе се преземаат“, изјави Русковска во емисијата „Стадион“ на Канал 77.

Пред два дена, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција соопшти дека отворило предистрага по допрен глас за набавката на софтверот и дека се издадени повеќе наредби за прибирање на потребната документација.