15.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Руте очекува „поактивна“ ЕУ во надминување на проблемот меѓу Скопје и Софија

Холандскиот премиер Марк Руте, кој во срдата е во првата своја официјална посета на Македонија, смета дека земјата заслужува да ги почне преговорите со Европската унија и се надева дека Унијата, ќе биде поактивна во обидите да помогне во решавање на проблемот со Бугарија.

„Холандија беше една од земјите кои долго беа против преговори со ЕУ, но многу напредок беше направен во изминатите неколку години и лично сакав да ја пренесам пораката дека сме многу среќни што на крај ЕУ одлучи да ги започне преговорите. За жал, проблемот сега е Бугарија и мора да го решиме. Сепак, за овој проблем се грижиме со цел да почнат преговорите“, истакна Руте во изјава за телевизија Сител, додавајќи дека е претпазлив оптимист во однос на тоа дали земјава ќе ги почне преговорите во декември.

Изрази надежи  дека ќе се најде решение по изборите во Бугарија и како што наведе, имајќи го предвид фактот дека неговите колеги во ЕУ го делат ставот дека билатералното прашање меѓу Софија и Скопје не треба да е пречка за отворање на преговорите со Македонија и Албанија.

За тоа дали евентуалната промена на власта во земјата може да влијае на тој процес, Руте кажа дека не би сакал да шпекулира и оти тоа е внатрешно политичко прашање на државата.

„Јас лично сум добар пријател со премиерот Зоран Заев, но се разбира дека ќе работиме со секоја Влада на Северна Макеоднија“, рече Руте.

Вели дека е случајност тоа што неговата прва посета на земјава е ден пред гласањето доверба на Владата во македонското Собрание.

„Оваа посета беше планирана еден месец претходно и секако не можеше да се претпостави каква ќе биде актуелната политичка состојба“, посочи холандскиот премиер.

Појасни дека Холандија отсекогаш била строга, но фер кон земјите кои сакаат да се приклучат кон ЕУ.

„Холандија беше против почеток на преговори во ЕУ долго време, но морам да признам дека тоа беше строго, но и фер. Строго бидејќи зема многу време, но фер бидејќи кога беа направени сите потребни чекори тогаш Холандија, но и Франција и другите рекоа: Да за почеток на преговори со Македонија. Секако, ова прашање кое беше покренато во текот на летото со Бугарија би ме иритирало многу, бидејќи тоа е она што ги блокира преговорите и меѓувладината конференција. Во таа смисла би си рекол: дечки вие решете го ова, а не ние како Северна Македонија, ако одговорам како Македонец. Тоа е работа на ЕУ“, рече Руте.

Прашањето меѓу Бугарија и Македонија е билатерално и не треба да ги запира притапните преговори. И ова не е мое мислење, туку на сите други земји членки на ЕУ, рече холандскиот премиер во изјава за медиумите по средбата со претседателот Стево Пендаровски.

На прашањето дали е можен пробив на декемврискиот самит на ЕУ, Руте рече дека е „претпазлив оптимист“.

„Ако граѓаните на Северна Македонија мислат дека прашањето со Бугарија го оставаме да виси, дека не сме заинтересирани и дека Бугарија може да прави што сака, тоа не е точно. Колективно имаме многу разговори со владата во Бугарија и се надеваме дека по изборите в недела ќе се придвижиме напред“, порача Руте.

Во изјава за неколку медиуми од земјава, по средбата со премиерот Зоран Заев, а пред вечерата со претседателот Стево Пендаровски, Руте им порача на граѓаните на земјава да не губат верба во ЕУ, зашто Холандија и другите земји членки сакаат преговорите да почнат и Македонија еден ден да стане членка на Унијата.

Притоа, претседателот Пендаровски изрази задоволство од интензивирањето на политичкиот дијалог меѓу двете држави во изминатиот период, посочувајќи дека Холандија е наш важен партнер и докажан поддржувач на нашите напори за интеграција во ЕУ.

Во таа насока, Претседателот се заблагодари за принципиелната поддршка од страна на Холандија за почеток на пристапни преговори за членство во Европската Унија, потенцирајќи дека Македонија е посветена на реформската агенда и добрососедските односи во насока на неодложен почеток на преговорите со ЕУ.

„Веродостоен тест за кредибилноста на процесот на проширувањето се претстојните совети на Европската Унија во декември и можноста Македонија да направи исчекор на патот кон ЕУ. Поддршката за деблокада на нашите евроинтеграции е од исклучителна важност за стабилноста и просперитот на целиот регион и дополнителен поттик на реформските процеси”, посочи претседателот Пендаровски.

Во однос на тековните состојби во областа на демократијата, владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата и незвисното судство, Претседателот изрази очекување дека холандската Влада ќе продолжи да придонесува за зајакнување на Македонија како силна европска демократија, со слободно општество и слободна пазарна економија. Во таа насока, беше истaкнато значењето на Декларацијата за партнерство и соработка потпишана помеѓу двете земји, како солидна основа за продлабочување на билатералните врски и натамошно континуирано и посветено спроведување на европските стандарди.

На средбата беа разменети мислења и за актуелните политички случувања во регионот