Рутинска победа на ПСЖ, Рен го следи

Во деветтото коло од француското фудбалско првенство во саботата вечерта актуелниот шампион Пари Сен Жермен и без повредниот Нејмар рутински на гости го совлада Нант со 3:0

Париските „Светци“ својата играчка супериорност ја ефектуираа во второто полувреме со погодоците на Андре Ерера во 47, Килиеан Мбапе во 65 минута од пенал и на Пабло Сарабиа. Нант можеше да ги ублажи барем поразот, но во 69 минута Каде Бамба не реализираше пенал.

Со седмата последователна победа во првенството ПСЖ сега е осамен на врвот на табелата со 21 бод, пред второпласираниот Лил кој својот натпревар од ова коло ќе го игра в недела навечер а во кој на домашен терен го пречекува Лион. Нант, пак, со осум бодови од осум одиграни натпревари моментално е на 15-то место.

Претходно во саботата Рен на домашен терен го совлада Брест со 2:1. Сите погодоци беа постигнати во интервал од 13 минути во второто полувреме. Гостите поведоа во 57 минута со голот на Франк Онора, во 66 минут израмни Дамиен Да Силва а во 70 пресвртот во полза на домашните го направи Најеф Агуер.

Рен е третопласирани со 18 бодови, три помалки од водечкиот ПСЖ и исто толки повеќе од четвртопласираниот Марсеј кој во недела во 13 часот му гостува на Сен Етјен. Брест со девет бодови привремено е на 14-то место.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.