СЈО: Нашиот мандат трае до 2020

По донесената одлука на Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески предметите на СЈО да ги земе ЈО, од Специјалното јавно обвинителство информираат дека сѐ уште немаат добиено писмен допис од страна на Јавното обвинителство на РСМ за да можеме да известат дали и како ќе се постапува со предметите на ова Јавно обвинителство

Од СЈО додаваат дека се загрижени поради тоа што ниту имаат избрано заменик на Катица Јанева, ниту пак е донесено законско решение со кое ќе се регулира мандатот на СЈО кој истекува на 15 септември.

„Во оваа прилика сакаме уште еднаш да ја изразиме нашата загриженост поради фактот што до овој момент ниту е избран јавен обвинител кој ќе ја замени Јанева, ниту пак е донесено ново законско решение со кое што ќе се регулира статусот на ова Јавно обвинителство.

Потсетуваме дека мандатот на СЈО е до 15 септември 2020 година, до кога продолжуваат работниот однос на вработените во Обвинителството и тековните обврски на институцијата. Отсуството на регулатива за тоа што ќе се случува со вработените, тековните обврски, архивата и материјалите со кои располага Обвинителството, во ситуација кога нема раководно лице на институцијата, ќе доведе до реални проблеми во остварувањето на правата од работен однос на вработените лица и намирување на обврските на институцијата, а воедно ќе отсуствува и контрола на спроведувањето на безбедносните процедури поврзани со сите материјали со кои располага Обвинителството”, соопштуваат од СЈО.