Во текот на изминатите шест месеци од стационарот за бездомни животни „Вардариште“ при ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, биле вдомени дванесет расни кучиња што претходно се чувани во домашни услови. Станува збор за два лабрадора, четири сибирски хаски, две кане корсо, еден германски овчар, еден доберман, еден ирски сетер и еден сибирски самојед. Овие кучиња се заловени на територијата на градот Скопје, или се оставени од сопствениците пред вратата на Стационарот.
По утврдувањето на нивната здравствена состојба од ветеринарната екипа, сите кучиња биле подложени на пропишаниот медицински третман – проверка на крвта за евентуално присуство на болеста лајшманиоза, третман на стерилизација, прочистување од внатрешни и надворешни паразити и вакцинација од беснило.
Преку интернет-страницата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје е објавен апел до сопствениците дека во даден рок од десетина дена можат да го побараат својот миленик, но во ниту еден случај сопствениците не се јавиле, така што кучињата биле вдомени од други граѓани.
Во периодот јануари-јуни 2014, Службата за хуман третман на бездомните животни при ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје заловила вкупно 1 128 бездомни кучиња на територијата на градот Скопје, од коишто 844 кучиња биле подложени на медицински третман и стерилизација во стационарот за бездомни животни „Вардариште“, а биле вдомени вкупно 48 кучиња.