Сѐ уште е потребен:НАТО одбележа 20 години во Косово

12
Москва: Флотата на НАТО во Црното Море го дестабилизира регионот
Москва: Флотата на НАТО во Црното Море го дестабилизира регионот

НАТО одбележа 20 години во Косово
Гардијан
Дваесет години откако копнените сили на НАТО првпат влегоа во Косово на крајот од 78-дневното воздушно бомбардирање, 3.500 војници од воената Алијанса остануваат на терен во младата нација каде што конфликтот сè уште допрва треба конечно да се реши.
Денес, силите за Косово (КФОР), кои ги сочинуваат 28 држави, во голема мера дејствуваат како „трета резерва“ по локалната полиција и ЕУ, но постои еден исклучок каде што силите на НАТО го чуваат српскиот православен манастир од 14 век во Дечани.
Војниците на НАТО кои патролираат по улиците се во голема мера невооружени тимови за врски со заедницата, кои работат неблагодарни работи како мерење на температурата во Приштина и во други главни популациски центри. Во Дечани, каде што српските монаси велат дека им е потребна заштита на војниците од непријателската заедница, последниот инцидент беше во 2016 година, кога четворица вооружени исламисти беа уапсени пред манастирот.
Главно се работи за забавена работа, која поттикнува прашање во однос на поширока цел, а еден војник на прашањето што му е задачата рекол дека 20 години е долг период за мировна мисија. Тоа негово мислење не е осамено, со оглед на тоа што САД, кои имаат најмногу војници во мисијата – 600, сериозно размислуваат да го намалат своето присуство.
Еден висок западен функционер рече: „Повлекување би било лудост. Во Србија бројат војници. Ова е земја на 1,8 милион умерени муслимани. По Авганистан и Ирак, неопходни ни се резултати. Тоа за нас би можело да биде вистинска стратегиска победа“. САД, соочени со такви аргументи, одлучија засега да не го менуваат бројот на војници.
Западното внимание останува живо. Велика Британија придонесува со 30 војници, и покрај историскиот ангажман на територијата на која неколку деца се викаат Тониблер, по некогашниот премиер Тони Блер, кој со поранешниот американски претседател Бил Клинтон ја предводеше воената интервенција. Франција нема ниту еден војник.
Интервенцијата на НАТО во 1999 година почна со бомбардирање на Србија, што беше вторпат Алијансата да биде ангажирана во воена акција од основањето во 1949 година – првпат тоа беше во Босна, исто така против српски сили.
Следуваше период на растечко насилство меѓу Ослободителна војска на Косово (ОВК), која го претставуваше мнозинството локално муслиманско население, во она што тогаш беше дел од Југославија и српските сили, претставувајќи го мнозинството во целата земја.
Западните сили со бомбардирањето ги принудија српските сили да се повлечат во јуни 1999 година. Тогаш 50.000 војници, предводени од Британецот Мајк Џексон, влегоа во Косово, на општа радост на косовските Албанци.
Мајк Џексон
Речиси 10 години потоа, прогласена е независност на Косово, која Србија и Русија сè уште не ја признаваат и неодамна со заеднички сили го спречија да му се приклучи на Интерпол.
Приштинскиот Хуманитарно-правен центар тврди дека за време на косовската војна, која траела од јануари 1998 до крајот на 2000 година, се убиени вкупно 13.517 лица, од кои 10.415 се Албанци, а 2.197 Срби.
Извршниот директор на НВО, Беким Блакај, смета дека е потребен соодветен историски запис за да се спротивстави на „националните наративи“ што се појавуваат.
– Се обидуваме да создадеме колективна меморија за војната, рече тој.

– Српската страна се обидува да ги негира злосторствата извршени од нивна страна, а истото се случува и тука. Во Косово, можете да слушнете само за албанските жртви, а не за неалбанците.
Нова изложба во три соби во подрумот на библиотеката во Приштина е посветена на 1.133 деца кои биле убиени или исчезнати, а има и предмети што им припаѓале, вклучувајќи и ранец со логото на Баерн Минхен со учебници што ги користела една жртва, Алтин, ученик од четврто одделение, на денот кога бил застрелан од српските сили.
Не е постигнат конечен мировен договор меѓу Србија и Косово, чиј претседател Хашим Тачи е поранешен командант во ОВК. Обемните мировни разговори, кои вклучуваат можна размена на територии – при што Косово ќе се откаже од територија во северниот дел каде што Србите се мнозинство, во замена за српски територии на други места – минатата година не доведоа никаде, бидејќи идејата беше непопуларна во двете земји.
Поделбата меѓу двете заедници денес е најостра во Митровица, Северно Косово, каде што се поделени со мост преку реката Ибар, со Албанци на југ и Срби на север. И покрај реновирањето финансирано од ЕУ, останува затворен за сообраќај, блокиран од администрацијата на српското малцинство на север, иако е отворен за пешаци.

Кон крајот на минатиот месец имаше краток пораст во тензиите, кога косовската полиција изврши неколку апсења низ целата земја, со цел справување со корупцијата и организираниот криминал во безбедносните сили. Апсењата на етнички Срби го поттикнаа локалното население да постави неформална барикада.
Четворица полицајци беа повредени обидувајќи се да ја отстранат, накратко беше уапсен и руски официјален претставник кој работел во агенција на ОН, а српскиот претседател Александар Вучиќ ги стави своите војници во целосна подготвеност. Иако ситуацијата се смири во рок од неколку дена, регионалните дипломати се загрижени дека епизодата со месеци ќе ги попречи косовско-српските односи.

Италијанскиот генерал Лоренцо Д’адарио, кој командува со КФОР, рече дека ситуацијата е несовршена и се сложи дека неговата основна задача е „да го обезбеди населението на север“, каде што живеат Срби.
– Сè уште сме потребни. Ние сме суштината на системот за безбедност, рече тој, иако не е јасно колку долго западните влади ќе сакаат да останат во земја која останува релативно мирна, и покрај отсуство на трајно политичко решение. (МИА)

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.