Сабаљенка го освои Австралија опен

Белоруската 24-годишна тенисерка Арина Сабаљенка ја освои својата прва грен-слем титула победувајќи ја Казахстанката Јелена Рибакина со 4:6, 6:3, 6:4 во саботното финале на Австралија опен во Мелбурн по два часа и 28 минути жестока битка на теренот.

Најголемата победа во кариерата, во своето прво поединечно грен-слем финале, Сабаљенка ја постигна со искористување на четвртиот меч поен, кога актуелната победничка на Вимблдон го промаши форхендот.

Рибакина беше подобра на почетокот од мечот, прва стигна до „брејк“ (2-1) и го држеше до осмиот гем, кога Сабаљенка успеа да се врати и да израмни. Сепак, веќе во следниот гем Белорусинката повторно го загуби својот сервис, што Рибакина го претвори во освојување на првиот сет.

Сепак, до крајот на мечот 23-годишната репрезентативка од Казахстан не можеше да го избие сервисот на противничката, што Сабаљенка го претвори во голема победа со по еден „брејк“ во преостанатите два сета.

Белорусинката во понеделник повторно ќе биде втората тенисерка во светот и со тоа ќе го израмни својот најдобар пласман во кариерата, додека Елена Рибакина ќе скокне на десеттата позиција и ќе стане првата тенисерка која влезе во Топ 10 под знамето на Казахстан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.