Саботковски: Индустриската зона ќе профункционира, ќе привлечеме инвеститори и ќе се отворат нови работни места

„Чест ми е што на овие локални избори ќе го предводам ВМРО-ДПМНЕ како кандидат за градоначалник на општина Могила. Могила е општина на патриоти, домаќини, работливи луѓе спремни да се соочат со сите предизвици, народ кој си ја сака својата држава и својата општина, народ кој заслужува подобар живот“, истакна Драганчо Саботковски, кандидат за градоначалник на општина Могила на митингот.

Саботковски додаде е време е за реална програма креирана од граѓаните и од нивните идеи и потреби. Со одговорно и чесно работење Могила ќе стане општина за сите луѓе.

„Како иден градоначалник ќе се залагам за реализација на проекти кои ќе придонесат за економски развој на општината, развој на комуналната и патната инфраструктура, подобрување на условите во образованието, грижа за младите иразвојот на спортот и културата. Гарантирам дека индустриската зона „Петилеп“ конечно ќе профункционира, ќе создадеме нови работни места, преку привлекување на домашни и странски инвестиции.“, порача Саботковски.

Саботковски посочи дека негов приоритет ќе биде изградба на градинка во село Могила, отворање на центри за ран детски развој во поголемите населени места, уредување на училишните дворови, реконструкција на фасадите и поставување на систем на ефикасно затоплување во училиштата. Вложувањето во образованието е вложување во иднината на децата, општината ќе ги наградува најдобрите ученици, студенти и спортисти.

„Младите ќе бидат вклучени во работењето на општината, младинскиот активизам ќе биде видлив, ќе бидам достапен за прифаќање на сите корисни идеи и сугестии за пофункционална општина Могила. Да направиме Могила да биде место каде младите ќе сакаат да живеат, а не да се иселуваат“, рече Саботковски.

Саботковски вети дека се обврзува за изградба на спортска сала, изградба на повеќенаменски игралишта во повеќе населени места, целосна финансиска поддршка за ситеспортски клубови, турнири во мал фудбал, здруженија и детски школи. Парковите ќе се уредат со детски катчиња и фитнес зони за младите. А, нема да се заборават и пензионерите, ќе се обезбедат и услови каде пензионерите ќе организираат активности за меѓусебно дружење.

„Доаѓа време на ПРОМЕНИ, ПРОЕКТИ и ПОБЕДИ. Време е да создадеме нова иднина. Затоа ја барам вашата поддршка на 17-ти октомври да го заокружите бројот 7 за мене како кандидат за градоначалник и за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ! Верувам во вас, заедно ќе донесеме победа уште во првиот круг! Силата е во секој од нас, ќе се бориме за подобра, современа и просперитетна општина Могила“, порача Саботковски.