САД: Албанија извор на канабис и земја транзит на силни дроги

Во последниот извештај на американскиот Стејт департментот, Албанија се посочува како земја којашто е извор на одгледување канабис и транзитна земја за нелегалните трговии со кокаин и хероин.

Во извештајот за 2018 година на американската дипломатија, стои декакриумчарењето канабис, како и силните дроги, во Албанија главно ги командуваат елементи на организиранот криминал, кои ги шверцуваат од земјите на потеклото на европските пазари.

Количеството заплената дрога и апсењата поврзани со дрога во текот на минатата  2018 година, се наведува во извештајот, во голема мерка биле поттикнати од соработката на агенциите за спроведување на законот со меѓународните партнери, зголемениот меѓународен притисок и напорите на Албанија за влез во Европската унија.

„Има зголемување на запленето количество кокаин кој транзитира низ Албанија кон Европа, покрај откривањето на лаборатории за обработка на хероин и кокаин во северна и централна Албанија. Албанските криминални групи тргуваат со кокаин и хероин на европските пазари од земјите во Јужна Америка и Азија, кои се извори на овој вид дрога“, се наведува во извештајот на Стејт департментот.

Во документот, исто така, се наведува дека корупцијата на сите нивоа на власта ја ограничува севкупната ефикасност во борбата против наркотиците.

„Официјалната корупција е широко распространета и промовира средина во која трговците со дрога се способни да дејствуваат без да бидат казнети. Обиди за искоренување на канабисот и кривично гонење на неговите одгледувачи биле многубројни, но не насекаде подеднакво. Интервенцијата во инфраструктурата на трговијата со дрога, која е создадена во текот на изминатите две децении, претставува предизвик“, се оценува во извештајот.

Се додава и дека високата стапка на невработеност и слабото владеење на правото, создале идеален амбиент за организираните криминални групи кои предизвикуваат проблем во контролата на дрогата во Албанија.