САД бара повлекување на полицијата од општинските згради и градоначалниците да не работат од општинските згради

Американскиот амбасадор во Приштина Џефри Ховениер изјави дека САД имаат две барања од Владата на Косово – да не инсистира градоначалниците да работат од општинските згради и полицајците да се повлечат од трите општински згради на северот.

„Не разбираме зошто алтернативните локации или други јавни згради не можат да се користат за извршување на нивните функции“, рече Ховениер.

Американскиот амбасадор го наведе примерот со градоначалниците на северот кои дадоа заклетва на алтернативни локации.

„Сметаме дека присуството на косовската полиција во зградите во кои насилно влегла е многу предизвикувачко, затоа побаравме од владата да ја повлече полицијата од овие три општински згради“, рече американскиот дипломат.

Според Ховениер, преземањето на овие две акции ќе помогне да се намалат тензиите.