САД бараат објаснување од Србија што е потпишано со Русија, рече Хил

Соединетите Американски Држави бараат објаснување од Србија за тоа што било потпишано со Русија во Њујорк, изјави американскиот амбасадор Кристофер Хил.

„Во овој момент никој не треба ништо да потпишува со Русија, освен оние кутри регрути кои се мобилизираат да одат во војна“, рече американскиот амбасадор Кристофер Хил пред новинарите по регионалниот форум „Добро владеење и антикорупциските политики во време на геополитичка неизвесност“ кој го отвори заедно со шефот на делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жофре.

Хил рече дека во текот на минатата недела во Њујорк имало одлични разговори меѓу делегациите на САД и Србија и дека на крајот на неделата и по сите тие разговори дознале за потпишувањето на протоколот. Американскиот амбасадор додава дека не го виделе потпишаниот протокол бидејќи не е јавен документ.

„Тешко ни е да разбереме, но сакаме да слушнеме објаснување за тоа за што станува збор“, рече Хил.

Шефот на делегацијата на Европската унија во Србија, Емануел Жофре, вели дека сега не е време за зајакнување на врските со Русија и оценува дека договорот што Србија го потпишала во Њујорк со Русија испратил сосема спротивна порака од онаа на која смета ЕУ.

„Не смееме да заборавиме дека Русија спроведува агресија врз Украина веќе седум месеци и ја интензивира таа кампања со мобилизирање 300 000 луѓе, организирање нелегални референдуми за отцепување на делови од Украина, како и закана дека ќе употреби оружје за масовно уништување“, посочува Жофре.

Ова не е време за зајакнување на врските со Русија, додава Жофре, и тој договор што беше потпишан испрати сосема спротивна порака, без разлика што Србија рече дека нема да ги признае резултатите од референдумот организиран од Русија.

Тој истакна дека е важно Србија да сака да стане дел од ЕУ и дека на тој пат мора постепено да се усогласува со сите стандарди и вредности на ЕУ, вклучително и со надворешната политика, односно со воведувањето санкции против Русија.

Министрите за надворешни работи на Србија и Русија, Никола Селаковиќ и Сергеј Лавров на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк го потпишаа Планот за консултации на министерствата за надворешни работи на двете земји за следните две години.

Селаковиќ рече дека се работи за техничка работа, која се спроведува од 1996 година и дека договорот го напаѓаат „оние кои не го ни виделе“. Тој план, како што рече, содржи идни потези во однос на консултациите на ОН за Косово, билатералните односи и мултилатералните активности, а во него нема безбедносна политика.