САД даваат 10 милиони долари награда за информации за мешање во изборите

Американските власти се подготвени да исплатат награда до 10 милиони долари за информации за лица коишто, според Вашингтон, се обидуваат да се мешаат во американските избори, соопшти во средата на брифинг за медиумите американскиот државен секретар Мајк Помпео.

„Доколку станува збор за Русија или други злонамерни актери, програмата на Стејт департментот предлага награда до 10 милиони американски долари за идентификување или откривање на секое лице, коешто постапувајќи по наредба или контрола на странски влади, се мешаат во изборите во САД преку одредени криминални дејствија“, изјавил Помпео на брифингот.

Појаснил дека наградата што ја нуди Стејт департментот Rewards for Justice (Награда за помош на правосудството) се однесува особено на криминалните активности во кибернетичкиот простор.

Програмата „Награда за помош на правосудството“ се спроведува во САД од 1984 година во борбата против тероризмот. Во рамките на програмата американските власти нудат награди за информации кои ќе доведат до апсење на барани терористи или ќе помогнат во спречување на терористички напади.

Претходно директорот на американскиот Национален центар за контраразнавње и безбедност, Вилијам Еванина, издаде писмена изјава во којашто изрази загриженоста од активности кои им се припишуваат на Русија, Кина и Иран.

Русија уште од 2016 година е на ударот на американските разузнавачки агенции кои тврдат дека се мешала или правела обиди да се меша во американскиот изборен систем. Речиси двегодишната истрага на американскиот специјален обвинител Роберт Мјулер сепак не ги потврди целосно овие сомневања, туку констатираше само обиди на Москва. Но и во овој случај на јавноста не ѝ беа понудени конкретни докази. Руската страна редовно ги отфрла ваквите обвинувања на нејзина сметка, и возвраќа дека токму Вашингтон отворено се меша во изборните процеси во редица земји во светот.