САД: Дејтонскиот договор останува сè додека БиХ не влезе во ЕУ

За граѓанскиот концепт за Босна и Херцеговина може да се разговара дури откако таа ќе стане членка на Европската Унија, а до тогаш рамката е Дејтонскиот договор, кажа Габриел Ескобар, специјалниот претставник на американската влада за Западниот Балкан.

Ескобар смета дека БиХ во моментов не е функционална држава бидејќи тамошните институции „веќе долго не се ефикасни“, што „не е последица на Дејтонскиот договор, туку немање добра волја“ на политичкиот врв во земјата.

„Тој договор 25 години беше успешен во одржувањето на мирот во земјата, и тој не е причина за проблемите. Проблем се неодговорните лидери, корупцијата, политичарите кои инсистираат да останат на власт по секоја цена“, кажа претставникот на Вашингтон.

Ескобар смета дека тој договор е добар компромис кој ги препознава интересите на трите конститутивни народи и е добар патоказ за европската интеграција, но „не е така користен“.

За концептот на граѓанска држава кој го заговара дел од меѓународната заедница, Ескобар кажа дека за него може да се разговара во иднина, откако БиХ ќе стане членка на Европската Унија.

„До тогаш Дејтон е мапата кон европската интеграција и тоа мора и да остане“, кажа американскиот дипломат и ја повтори поддршката на Вашингтон за концептот на една држава, два ентитети и три конститутивни народи.

Тој ја разбира загриженоста околу високите тензии во БиХ и „ја гледа аналогијата со 1991 година“, бидејќи во таа земја политичарите не разговараат и се закануваат дека ќе се повлечат од централните институции.

Но, како што истакна, во БиХ има мировни сили, присуство на НАТО и висок претставник на меѓународната заедница со бонски овластувања, Србија и Хрватска не се заинтересирани за војна на своите граници, а младите во БиХ не сакаат да се борат за владејачките структури и корупцијата на политичарите.

„Поради тоа не гледам никаква шанса за конфликт. Можно е да има насилни чинови, но сите одговорни политичари и јавни службеници работат за тоа да не се случи. Затоа мислам дека војна не е возможна“, кажа Ескобар додавајќи дека е сепак загрижен за БиХ поради „подеднакво опасното сценарио“ на економска и демографска пропаст на државата.

„БиХ е исклучок од сите добри вести за Западниот Балкан“, според независните анализи е една од најкорумпираните земји во Европа, а нејзиниот приватен сектор се намалил на само третина од БДП, поради што државата има најбрза емиграција од сите земји на Западниот Балкан.