САД ќе ја споделат технологијата за производство на вакцини против Ковид-19

„Ја ставаме на располагање медицинската технологија во сопственост на американската влада“, рече американскиот претседател Џо Бајден, на отворањето на вториот светски самит за Ковид-19 (ЕПА).
САД, преку Светската здравствена организација (СЗО) ќе споделуваат технологија за производство на вакцини и ќе доставуваат брзи тестови и лекови на луѓето во оддалечените делови на светот, изјави Бајден.
Вашингтон, исто така, ќе плати дополнителни 200 милиони долари во фондот на Светска банка за да го направи светот поподготвен за идните пандемии. Според Ројтерс, со тоа вкупниот придонес на САД во тој фонд ќе се зголеми на 450 милиони долари.
Собирот, чии домаќини се САД, Белизе, Германија, Индонезија и Сенегал, се одржува виртуелно, а владините претставници дебатираат како да се стави крај на постојниот и да се подготват за идни пандемии.
Самитот треба да биде чекор понапред од првиот таков митинг во септември минатата година, кога учесниците се согласија да вакцинираат повеќе луѓе, да ги тестираат најранливите, да ја зајакнат здравствената заштита и да формираат фонд за финансирање на подготвеноста за идни пандемии.
На собирот учествуваат 14 земји, СЗО, ЕУ, приватни компании како Гугл и невладини организации како Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.