САД ќе дадат 100 милиони долари за Кина и другите земји за справување со коронавирусот

Соединетите држави за борбата против епидемијата од новиот сој коронавирус се подготвени да дадат 100 милиони долари за помош на Кина и на другите земји зафатени со заразата, изјави во петокот американскиот државен секретар Мајк Помпео.

„Вашингтон е подготвен да упати 100 милиони долари на Кина и другите земји од веќе постојните фондови за помош, и директно и преку мултилатералните организации за да се запре и победи новиот коронавирус“, напиша шефот на американската дипломатија Мајк Помпео во писмената изјава.

„Ова ветување, со стотици милиони долари кои дарежливо ги понуди американскиот приватен сектор, го покажуват силното американско учество во одговорот на оваа епидемија“, додава Помпео, кој инаку е познат како постојан критичар на Кина по прашањето на човековите права во оваа земја.

Државниот секретар потсетуива дека САД „овозможија транспорт на околу 16 тони медицинска опрема за кинескиот народ, особено маски и газа“. Помпео заклучува дека тоа „сведочи за великодушноста на американскиот народ“.

Претходно во петокот американскиот претседател Доналд Трамп оцени дека Пекинг „многу професионално се бори“ против епидемијата, со која се заразени повеќе од 30.000 луше во континентална Кина, од кои 636 луѓе починале.