САД ги повикаа Србија и Црна Гора на воздржаност и дијалог

САД ги повикаа Србија и Црна Гора да покажат воздржаност и да избегнат какви било акции кои можат да доведат до зголемување на тензиите или насилните акции, и препорачаа тие две земји да почнат дијалог за чувствителното прашање.

Реакцијата е одговор на Стејт департментот на прашањето од Гласот на Америка за коментар на зголемените тензии меѓу Белград и Подгорица поради усвојувањето на Законот за слобода на вероисповед во Црна Гора.

Во пишаниот одговор, портпаролот на Стејт департментот истакнува дека „САД го почитува правото на сите суверени земји да усвојуваат и применуваат закони усогласени со демократските норми и без странско мешање“.

Во одговорот, исто така, се вели дека САД силно ги поддржуваат темелните слободи,како што се слобода на говор, здружување и собири и права на поединците по мирен пат да ја изразуваат својата слобода на говор или уверување.

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ претходно изјави дека преку злоупотреба на верските чувства на граѓаните се сака да се урне Црна Гора и ги повика граѓаните да не бидат дел од тоа „лудачко движење“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ ја коментираше изјавата на Ѓукановиќ, посебно во делот дека станува збор за „лудачко движење“ и оцени дека тоа се тешки пораки за Србија.

Неодамна, црногорскиот премиер Душко Марковиќ го повика поглаварот на Српската православна црква во Црна Гора, митрополитот црногорско-приморски Амфилохие на дијалог околу спорните точки од Законот за слобода на вероисповед. Црногорскиот парламент го усвои законот кон крајот на 2019 година, а српската Црква го оспорува.

СПЦ на законот гледа како на „параван за одземање на црковен имот“, па во речиси сите црногорски градови двапати неделно организира протестни маршеви по вечерните молитви, на кои присуствуваат и по неколку илјади граѓани.

„Подготвени сме уште еднаш, заеднички да ги согледаме најдобрите решенија за примена на член 62-64 од Законот, и секако, преку дијалог и можен консензус да отстраниме секаква дилема и сомневање околу користењето цркви, храмови и манастири, односно нивната идна намена“, се посочува во писмото од Марковиќ до Амфилохие.

Токму тие три члена од Законот го регулираат прашањето за сопственост над црквен имот, односно пропишува дека верската заедница мора да ја докаже сопственоста над верскиот објект кој е изграден пред 1918 година, бидејќи во спротивно тој објект ќе биде третиран како културно наследство на Црна Гора.