САД ги пренасочија фондовите за Сирија

Американскиот Стејт департмент најави во петокот дека се пренасочуваат на други цели 230 милиони долари замрзнати средства наменети за Сирија, како и дека собрал 300 милиони долари од партнерите за обновување на териториите ослободени од џихадистичката организацијата Исламска држава во североисточна Сирија, кои сé уште се под контрола на бунтовниците кои ги помагаат Западот и регионалните сунитски монархии.

Американскиот претседател Доналд Трамп во март годинава ги замрзна споменатите фондови, кога неговата администрација ја редефинираше улогата на Вашингтон во сирискиот конфликт.

Портпаролката на Стејт департментот, Хетер Науерт, појасни дека од април американската дипломатија успеала за истата цел во новиот фонд да собере 300 милиони долари од коалициските партнери, при што со 100 милиони долари учествувала Саудиска Арабија, а Обединетите Арапски Емирати со 50 милиони долари.

„Како резултат на придонесот на клучните партнери во коалицијата, државниот секретар (Мајк) Помпео распореди Стејт департментот да ги пренасочи околу 230 милиони долари од фондот за стабилизирање на Сирија, чиешто распределување беше разгледувано“, рече Науерт истакнувајќи дека оваа одлука Помпео ја донел во координација со Белата куќа.

„Во соработка со Конгресот, Стејт департментот ќе ги пренасочи овие средства на други клучни надворешно-политички приоритети“, додаде портпаролката на американската дипломатија. Според Науерт, „оваа одлука не претставува никакво намалување на американската приврзаност на стратешките цели во Сирија“.

„Претседателот (Доналд Трамп) јасно стави до знаење дека сме подготвени да останеме во Сирија сé додека Исламската држава не биде поразена. Исто така, сосредоточени сме на тоа да осигуриме повлекување на иранските сили и нивните сојуници“ од Сирија, изјави Науерт.

Додаде дека споменатата одлука нема да влијае врз хуманитарната помош за Сирија, на којашто, како што потенцираше, САД издвоиле од почетокот на конфликтот (во март 2011 година) 8,1 милијарди долари.

„Ние, исто така, ќе продолжиме да работиме со меѓународните партнери на постигнувањето мирно решение на сирискиот конфликт во рамките на процесот под покровителството на Обединетите нации“, заклучи претаставничката на американската дипломатија.