САД ги укинуваат царините на металите од Канада, следува договор со Мексико

САД и Канада во петокот објавија дека постигнале договор со кој ќе се отстранат царините на увозот на американскиот пазар на канадскиот челик и алуминиум, во замена за нови ограничување на увозот по дампиншки цени на металите од Кина и други земји, а отворена е и можноста за сличен договор со Мексико.

Со договорот без квоти ќе се укинат американските царини на метали во рок од 48 часа, како и канадските царини на американските производи во висина од 12 милијарди американски долари, во кои се вклучени свинското и говедското месо, како и жестоките пијалаци.

Царините, во висина од 25 отсто на увозот на челик и 10 отсто на увозот на алуминиум, беа главната пречка за ратификацијата на новиот трилатерален договор со кој би се заменил 25-годишниот Северноамерикански договор за слободна трговија, попознат по кратенката NAFTA. Неколкумина истакнати американски пратеници изјавија дека изгласувањето на договорот меѓу САД, Мекиско и Канада (USMACA), е невозможно сѐ додека не се укинат царините на металите и реципрочните мерки кои се насочени главно на американските фармери.

Вестите за договорот со кој би се формирал „систем за надзор“ за претоварувањето на челикот и алуминиумот се појави откако претходно во петокот американскиот претседател Доналд Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо разговарале за царините. Трудо ќе разговара со новинарите во петокот попладне по локално време, откако ќе се сретне со работниците од челичната индустрија во фабриката на „Stelco Holding Inc“ во Хамилтон во покраината Онтарио, напиша неговиот портпарол на Twitter.

Двајцата челници разговарале за „царините на челикот и на алуминиумот и за канадските реципрочните царини“, напиша Камерон Амен, советник за комуникации на канадскиот премиер. „Разговараа, исто така, за кинескиот ураниум, како и за новиот договор NAFTA“.

Висок неименуван мексикански функционер за Reuters рекол дека Канада и Мексико ќе ги укинат своите царини на американските производи, во износи од повеќе милијарди долари, откако договорот ќе биде објавен и применет. Договорот, инаку, остава простор за повторно наметнување на царините на челикот и на алуминиумот, доколку во текот на посочениот период нивниот увоз „се зголеми значително над историскиот обем“. Меѓутоа, одмаздата за таквите царини ќе биде ограничена само на секторот на челикот и на алуминиумот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.