САД го повикаа амбасадорот од Москва на консултации

Американскиот амбасадор во Русија, Џон Саливан, до крајот на неделава ќе се врати во Вашингтон на консултации со администрацијата на претседателот Џо Бајден.

-Амбасадорот Саливан неделава ќе се врати во САД за да го посети своето семејство и да се состане со членовите на новата администрација, со кои немал можност да се консултира откако се согласи да продолжи со работата на неопределено време, изјави за порталот Акиос портпарол на Стејт департментот, јавува Тасс.

Руската агенција наведува дека Стејт департментот се уште не ги потврдил наводите за планираното патување на Саливан во Вашингтон.

Претходно, порталот Акиос јави дека Саливан не планира да ја напушти Русија, и покрај советот од официјална Москва да се врати во Вашингтон на консултации.

Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, на 16 април на прес-конференција изјави дека помошникот на рускиот претседател, Јуриј Ушаков, го информирал Саливан за одлуките на Русија како одговор на американските мерки против земјата и го советувал Саливан да се врати во Вашингтон на консултации.

Лавров, исто така, изјави дека рускиот амбасадор во САД, Анатолиј Антонов, продолжува со своите консултации во Москва, каде се наоѓа од 21 март.

Минатата недела американската Влада на црна листа стави руски компании, протера руски дипломати и им забрани на американските банки да купуваат државни обврзници од руската Централна банка и Министерството за финансии, а Русија протера десет американски дипломати и на црната листа стави осум највисоко рангирани официјални претставници на Вашингтон како одговор на санкциите наметнати од Русија.