САД го предупредија Израел да не спроведува еднострана анексија на Западниот брег

Американскиот амбасадор во Израел, Дејвид Фридман, денеска го предупреди Израел да не презема „унилатарална акција“ на анексија на еврејските населби на Западниот брег, изјавувајќи дека таквиот потег може да го загрози мировниот план на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на израелско-палестинскиот конфликт.

Фридман на Твитер напиша дека „примената на израелскиот зкаон на територијата која според планот треба да биде дел од Израел зависи од завршувањето на процесот на изработка на мапата на заедничката израелско-палестинска комисија“.

„Секоја унилатерална акција пред завршувањето на работата на комисијата во опасност ќе го доведе планот и американското признавање“, наведе Фридман.

По претставувањето на планот на Трамп, на 28 јануари, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху имаше намера брзо да анектира големи делови  од Западниот брег, на кои има еврејски населби.

Нетанајху најави и дека неговата влада веднаш ќе гласа за анексијата, но само еден ден подоцна се откажа од идејата.

Анексијата може да предизвика остро противење од Палестинците и меѓународната заедница.

Фридман денеска на една конференција во Ерусалим изјави дека „претседателот Трамп го претстави планот за следните 30 години, а не следните 30 дена”, со што алудираше на претстојните израелски избори.

-Ќе го охрабрам секој да се врати чекор назад и длабоко да земе воздух, бидејќи е тоа нешто, ако се направи како што треба, што може да ја обезбеди сигурноста на Израел и да донесе голем просперитет и достоинство за Палестинците, рече Фридман.

Палестинците сакаат да формираат своја независна држава на Западниот брег, во Појасот Газа и источен Ерусалим, териториите што Израел ги освои во војната од 1967 година.

Еврејските населби во источен Ерусалим и на Западниот брег за поголемиот дел од меѓународната заедница се сметаат за негелални, а Палестинците тврдат дека овие населби се главната препрека за мирот.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.