САД го прилагодија рокот за ценовниот лимит на руската нафта

Механизмот кој треба да ја ограничи цената на руската нафта треба да го земе предвид времето коешто им е потребно на танкерите натоварени до 5-ти декември да ја испорачаат до крајната дестинација, покажуваат насоките на американското Министерство за финансии.

Планот за ограничување на цената на руската нафта има цел да ѝ оневозможи на Русија да профитира од скокот на цените на енергенсот на светските пазари, наводно поради војната во Украина. Но истовремено и требаа да ја стимулира Москва сепак да има приходи и да произведува и извезува доволно нафта за да не предизвика голем недостиг и следствено голем скок на цената на нафтата на меѓународните пазари.

Претходно во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по повтори рускиот став и предупреди дека Русија не планира да ги снабдува со нафта и гас државите коишто ги поддржуваат ограничувањата на цените на нејзините енергенси на меѓународните пазари, но порача дека конечната одлука ќе биде донесена по анализа на сите показатели.

Меѓутоа, планот за ограничување на цените на руската нафта предизвика нервоза кај компаниите кои пружаат услуги во бродскиот транспорт и на осигурителните компании во секторот, кои сакат да ги знаат конкретните одредби за да не се доведат во ситуација да бидат санкционирани.

Новите насоки на Бирото за контрола на странската сопственост (OFAC) при американското Министерство за финансии одговараат на неколку клучни прашања, вклучително и кога ограничувањето ќе стапи на сила и на кои компании ќе се однесува, истакнува Reuters.

Насоките не го наведуваат конкретниот ценовен плафон, за кој САД сѐ уште преговараат со партнерите во Г7, ЕУ и Австралија. Во средата новинската агенција Bloomberg објави дека добила потврда дека Земјите од Г7 – САД, Велика Британија, Германија, Италија, Јапонија, Канада и Франција – со Европската унија разгледуваат ограничување на руската нафта на цена од 65 до 70 долари за барел.

Прописите за ограничување на цената нема да се однесува на бродовите натоварени со нафта до 5-ти декември, кои ќе впловат во крајното пристаниште до 19-ти јануари, според документот на OFAC. Со тоа танкерите со руска нафта купена до активирање на механизмот на 5-ти декември би требало да добијат во време да стасаат на често оддалечените крајни дестинации. Од 5-ти декември сите пратки ќе мора да го почитуваат ограничувањето на цената.

Покрај тоа, ограничувањето на цената на руската нафта се однесува само на првата продажба на „истоварената“ нафта на дестинација надвор од Русија, односно на првото место на коешто товарот стасува до брегот. Нафтата препродадена на копното по првата точка на влезот ќе може да се продава по повисока цена.

Доколку нафтата биде вратена на море непреработена, повторно ќе биде подложна на ценовното ограничувања, се вели во американските насоки.

Ограничувањето на цената нема да се однесува на нафтата од други земји која минува низ Русија или се истоварува од Русија, појаснуваат од OFAC, издвојувајќи го Каспискиот нафтоводен конзорциум (CPS), кој ја транспортира нафтата преку цевковод од Казахстан до Црното Море.

Американските компании и натаму не смеат да увезуваат руска нафта, во согласност со забраната од март, но можат да ја препродаваат, под услов да се почитува ценовниот лимит, а во периодот кога светските медиуми посочуваат дека американските компании изминатиот период се најголемите купувачи на руската нафта.

Во механизмот, според насоките, ќе учествуваат компаниите поврзани со поморскиот транспорт на руската нафта, како што се трговците, осигурителите, финансиерите, превозниците, компаниите за регистрација на бродови и помош при извозот и увозот.

Исклучок ќе бидат услугите за медицинска евакуација и другите итни услуги за членовите на екипажите, како и услугите за нивното здравствено и патничко осигурување, како и инспекцијата и навигацијата и водењето на бродовите, според објавените американски насоки.