САД го сомничат кинески „Huawei“ за собирање податоци за американски воени објекти

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден го истражува кинескиот телекомуникациски концерн „Huawei“, поради загриженоста дека американските јазли во мрежните врски, опремени со нејзини уреди, би можеле да собираат податоци за воените бази и ракетните силоси, а кои подоцна компанијата би можело да ги испраќа во Кина, пренесува агенцијата Reuters наведувајќи два извора запознаени со случајот,

Според еден од соговорниците, американските власти стравуваат дека „Huawei“ преку опремата би можело да дојде до чувствителни податоци за воените вежби и статусот на готовност на базите и личниот состав.

Изворите забележале дека истрагата била покрената од министерството за трговија, веднаш откако претседателот Џо Бајден ја презема должноста во јануари 2021 година.

Агенцијата, повикувајќи се на документ од десет страници во кој имала увид, известува дека американското министерство се обратило до „Huawei“ во април 2021 година за да се запознае со политиките на компанијата во врска со споделувањето податоци со трети страни кои нејзината опрема може да ги собира од мобилните телефони, вклучително и од пораките и податоците за геолокацијата на уредот.

Во прилогот на Reuters се додава, наведувајќи на група адвокати, научници и поранешни функционери, дека доколку министерството утврди дека „Huawei“ претставува закана за националната безбедност, би можело да бидат забранети сите трансакции во САД со кинеската компанија, а американските оператори кои ја користат нејзината опрема ќе треба брзо да ја заменат под закана да бидат парично казнети или со други санкции.

Уште во мај 2019 година американското министерство за трговија го стави „Huawei“ на „црниот список“, со што ја блокираше нејзината набавка на технологии и компоненти од американски производители. Така технолошката компанија „Google“, сопственик на мобилниот оперативен систем Android ја прекина соработката со „Huawei“ во областите кои бараат трансфер на хардвер, софтвер и технички услуги, освен оние кои се јавно достапни во отворен код. Така, американската компанија го лиши „Huawei“ од пристапот до ажурирањето на Android OS, со кој се опремени паметните телефони на кинеската компанија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.