САД и Британија започнаа преговори за слободна трговија

REUTERS/Joshua Roberts

Соединетите американски држави и Обединетото Кралство во вторникот ја започнаа првата рунда од преговорите за договорот за слободна трговија, а нивните претставници се обврзаа да работат со забрзано темпо за да постигнат договор кој „значително ќе ги зголеми трговијата и вложувањата“.

На виртуелните конференции ќе учествуваат повеќе од 300 американски и британски функционери поделени во речиси 30 преговарачки групи, се вели во заедничката изјава на американскиот трговски претставник Роберт Лајтизер и британската министерка за трговија Елизабет Трас.

„Ќе преговараме со забрзано темпо. Договорот за слободна трговија ќе придонесе за долгорочното здравје на нашите економии што е од витално значење во заздравувањето од последиците од Covid-19“, соопштија Лајтизер и Трас.

За Вашингтон ова се првите значајни трговски преговори во 2020 година, додека Лондон веќе води преговори за идните трговски односи со Европската унија по повлекувањето од неа на крајот од јануари. Двете земји настојуваат да ги поврзат домашните синџири за снабдување, додека се соочуваат со последиците од кризата со коронавирусот.

Лајтизер трговските преговори со Британија ги оцени како едни од најглавните приоритети на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во 2020 година. Меѓу целите кои ги објави минатата година, тој бара целосен пристап за американските земјоделски производи и пониски царини за американските производи.

Републиканскиот сенатор од сојузната држава Ајова, Чарлс Грасли, изрази надежи дека трговскиот договор со Британија ќе ги постави основите за нивните подобри договори со ЕУ.

„Сѐ на што се надевам е дека добриот договор за земјоделството со Британија ќе ја посрами Европа“, изјави Грасли за новинарите.

Администрацијата на Трамп сака да ги поврати синџирите за снабдување во САД и да ги оддалечи од Кина, и се обидува да ја промовира кампањата на претседателот „Купувај американско“ за снабдување со медицински и други производи.

Се очекува дека земјоделието ќе биде едно од најтешките прашања во преговорите. Британија е силно против генетски модифицирана храна, а премиерот Борис Џонсон вети дека ќе заземе „цврст став“ додека неговата министерка Трас рече дека Британија нема да ги намали своите стандарди за безбедност на храната.

Стоковата размена на САД и Велика Британија е проценета на 127 милијарди долари во 2018 година, додека размената на услуги надминала 134 милијарди долари. Британија е седмиот најголем трговски партнер на САД, според податоците од американскот Биро за попис на населението.

„Сакаме да постигнеме амбициозен договор кој ќе отвори нови можности во нашето работење, ќе привлече повеќе вложувања и ќе создада подобри работни места за луѓето во целата наша земја“, рече Трас.

Следните рунди од преговорите ќе се одржуваат на секои шест седмици, и тоа преку видео-врски сѐ додека не стане безбедно да се патува, објави британската амбасада во Вашингтон.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.