САД и Германија постигнаа договор за Северен тек 2

Соединетите држави и Германија, како што беше најавено претходно во средата постигнале договор за рускиот гасовод Северен тек 2, со што ставиле крај на меѓусебните жестоки несогласување по ова прашање, објави весникот The Washington Post.

Како што наведува весникот, според овој договор Германија се согласила дека ќе инвестира во инфраструктурата за украинската „зелена“ технологија, а САД се согласија дека ќе ги запрат своите напори за блокирање на цевководот, кој инаку е речиси 97 отсто веќе изграден.

Во заедничкото соопштение по потпишувањето на договорот, се наведува дека Германија се обврзува да побара (од Русија) продолжување на договорот за транзит на гасот преку Украина и по 2024 година и да назначи специјален претставник за таа цел, и тоа се појаснува со „обезбедување на европската енергетска безбедност и постигнување на климатските цели“.

„САД и Германија се согласија дека во интересот на Украина и Европа е да продолжи транзитот на гасот преку Украина по 2024 година. Во согласност со ова гледиште, Германија се обврзува да ги искористи сите расположиви средства за влијание на продолжување на договорот за транзит на гас меѓу Украина и Русија до 10 години и да назначи специјален претставник за тоа. Преговорите треба да започнат што е можно поскоро,, но не подоцна од 1-ви септември. САД се решени целосно да ги поддржат овие напори“, се вели во пораката.

Се додава дека Германија е „посветена на создавањето и управувањето со зелен фонд за Украина за унапредување на ефикасноста во енергетскиот сектор во земјата“.

Претходно во средата германската канцеларка Ангела Меркел телефонски разговарала со рускиот претседател Владимир Путин, а според агенцијата AFP, која се повикува на Кремљ, двајцата соговорници разговарале за можното продолжување на договорот меѓу Русија и Украина за транзитот на руски гас преку укграинскиот систем што на оваа земја ѝ носи значителни приходи.

„Рускиот претседател и германската канцеларка ја разгледаа можноста за продолжување на договорот меѓу руски ‘Газпром’ и украински ‘Нафтогаз’ кои се однесуваа на транспортот на гасот преку украинската територија по 2024 година“, соопшто Кремљ.

Гасоводот Северен тек 2 кој по дното на Балтичкото Море ќе ја удвои испораката на рускиот природен гас во Германија, веќе долго време е спорно прашање во односите меѓу Берлин и Вашингтон.

Германија сега се обврзала пред САД дека ќе „создаде… зелен фонд од милијарда долари“ за „поддршка на енергетската транзиција на Украина“, којашто во секој случај ќе загуби зналителен дел од заработката од транзитот на рускиот гас во Европа поради двата гасовода Северен тек, го цитира AFP неименуваниот американскиот функционер.

„Германија ќе даде почетна донацијна од најмалку 150 милиони евра и ќе работи на зголемување на оваа обврска во текот на следните неколку години“, рекол функционер за новинарите под услов да остане анонимен, зборувајќи за поединостите од договорт меѓи Вашингтон и Берлин со кој се надминати разликите во ставовите поврзани за гасоводот.

Висок претставник на американскиот Стејт департмент, исто така, кој барал да остане анонимен, за новинарите рекол дека САД тесно соработуваат со властите на Украина и на Полска во врска со договорот со Германија за Северен тек 2.

„Како дел од овој процес, ние и нашите германски партнери остваривме тесни консултации со Украина и со Полска, како и со други држави кои може да бидат засегнати од овој проект“, рекол американскиот дипломат, пренесува агенцијата РИА.

Додал дека Вашингтон ги зел предвид загриженоста и мислењата на овие земји во врска со можните последици од целосната реализација на гасоводот Северен тек 2.

Полска, имено, стравува дека ќе треба да плаќа повисока цена за гасот на германскиот оператор кој ја според прописите на ЕУ ќе се занимава натаму со формирање на цената и дистрибуцијата на енергенсот.

 

Конзорциумот од компании кои ги предводи руски „Газпром“, а во кој уште се австриската компанија OMV, фирмата ќерка на BASF – „Wintershall“, англиско-холандската компанија „Shell“, германската „Uniper“ и француската „Engie“ го финансира гасоводот „Северен тек 2“ кој минува низ руските, финските, шведските и германските територијални води, во вкупна должина од речиси 1.200 километри. Првиот истоимен гасовод започна со работа во 2011/2012 година.

Проектот го критикуваат САД и некои земји членки на ЕУ под изговор дека ќе ја зголеми европската енергетска зависност од Русија. Полска протестира бидејќи Северен тек 2, кој ја удвојува испораката на рускиот природен гас преку Балтичкото Море во Германија, ќе придонесе полските потрошувачи да му плаќаат поскап гас на германскиот оператори. Покрај тоа, Варшава оценува дека со гасоводот наводно се загрозува енергетската безбедност на Европа, и оти со него зајакнува доминацијата на „Газпром“ на пазарот.

Истовремено помалите балтички земји Литванија и Латвија, а во прв ред Полска и Украина се против Северен тек 2. Украина стравува дека ќе изгуби значителни приходи од транзитот на рускиот гас кон европските потрошувачи, зашто двата проекта Северен тек заедно со Турски тек ја заобиколуваат. Полска, пак, стравува дека на Германија сега ќе ѝ плаќа поскап гас, бидејќи според европската регулатива руската компанија производител не може и да го продава енергенсот, ниту да го гради гасоводот. Тие се поддржани од САД, кои сакаат да создадат услови за испорака на течниот гас во Европа на американските компании, но Берлин забележува дека тој начин на снабдување е далеку поскап.