Техеран има докази дека настаните што се случија во Сирија што доведоа до соборување на поранешниот сириски претседател Башар ал-Асад биле планирани од Соединетите Американски Држави и Израел, изјави иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, пренесе иранската државна новинска агенција ИРНА.
„Не треба да има сомнеж дека она што се случи во Сирија е резултат на заеднички американски и ционистички план, истакна Хамнеи.
„Да, соседната земја Сирија одигра јасна улога во ова прашање и продолжува да го прави тоа – ова е очигледно за сите – но главниот заговорник, главниот планер и централната командна соба се во Соединетите држави и кај ционистите, имаме докази, вели ајатолахот.
Хамнеи додаде дека „отпорот“ ќе се прошири низ целиот Блиски Исток повеќе од кога било досега.
„Ова е отпор. Ова е фронтот на отпорот: колку повеќе се врши притисок, толку тој станува посилен. Колку повеќе злосторства се вршат, толку е помотивиран. Колку повеќе се бори, толку повеќе се проширува. И јас ви велам дека со Божја сила, опсегот на отпорот ќе го опфати целиот регион повеќе од порано“.
„Иран е силен“
Хамнеи ги критикува набљудувачите кои го поврзуваат слабеењето на иранските сојузници со слабеењето на самата Исламска Република.
„Тој неук аналитичар, несвесен за значењето на отпорот, замислува дека ако ослабне отпорот, ќе ослаби и исламскиот Иран. И велам, со помош и сила на Бога, со негова дозвола, Иран е силен, моќен и ќе стане уште помоќен“.
Иранското разузнавање ја предупредило сириската влада за заканите по нејзината стабилност во последните три месеци, тврди Хамнеи, објави новинската агенција Тасним, додавајќи дека врховниот лидер рекол дека Дамаск го „запоставил непријателот“.