САД им го екстрадираа на властите во Перу поранешниот претседател Алехандро Толедо

Поранешниот перуански претседател Алехандро Толедо пристигна во Перу од САД, кои им го екстрадираа на властите во Лима поради обвинението за примање мито во износ од десетици милиони долари.

Британските медиуми пренесуваат дека со оваа екстрадиција Толедо стана третиот поранешен претседател на оваа јужноамериканска земја кој завршува во затвор.

До судењето, Толедо ќе биде во притвор 18 месеци, во казнено-поправен дом во близина на главниот град Лима. Поранешните претседатели Алберто Фуџимори и Педро Кастиљо се наоѓаат во истиот затвор.

Адвокатот на Толедо кажа дека ќе побара неговиот клиент да биде во домашен притвор поради здравствени причини.

Толедо, кој беше претседател на Перу во периодот од 2001 до 2006 година, во петокот им се предаде на американските власти и вчера експресно беше екстрадиран во Лима. Властите го обвинуваат дека примил 35 милиони долари мито од бразилската градежна компанија „Одербрехт“, а за возврат им овозможил да добијат работи за изградба на автопатот.

Обвинителството побара затворска казна од 20 години за Толедо, кој неколку години живееше во САД, а американскиот суд во петокот ја отфрли неговата последна жалба за екстрадирање во Перу.