САД: Иран со испраќање дронови можел да учествува во воени злосторства

Иран би можел да придонесе во воените злосторства во Украина, бидејќи испорачува беспилотни летала на Русија, изјави без да даде докази за тоа во понеделникот советникот на Белата куќа за национална безбедност, Џејк Саливан.

„Нивното оружје се користи за убивање цивили во Украина и за обид градовите да ги фрлат во студенило и темнина, што од наше гледиште го става Иран на местото каде што би можел потенцијално да придонесе за раширените воени злосторства“, тврдеше Саливан во брифингот за новинарите кои го следат патувањето на американскиот претседател Џо Бајден во Мексико.

Интересно, што Вашингтон притоа не го споменува обвинувањето дека Иран ги снабдува со беспилотни летала и проектили шиитските бунтовници во Јемен, како и снабдувањето со такво вооружување на палестинските екстремисти во Појасот Газа.

САД, кои со децении имаат санкции против Иран а ги вратија повеќето и откако еднострано во 2018 година истапија од нуклеарниот договор од 2015-та на Техеран со шесте светски сили, декларативно неодамна објавија дека санкционирале компании и личности кои ги обвинуваат за производство или наводен пренос на иранските беспилотни летала кои наводно Русија ги користела за напади врз клучната инфраструктура во Украина.

Белата куќа, исто така, минатата седмица рече дека САД размислуваат за начини за намерни оштетувања на иранското производство на беспилотни летала со оружје преки санкции и контрола на извозот, иако всушност тие со години се на сила.

САД, без да прецизираат со факти, кон средината на декември го обвинија генералниот секретар на Обединетите нации, Антониот Гутереш, дека наводно „очигледно попуштил пред руските закани“ и дека не испратил функционери во Украина да ги прегледаат беспилотните летала кои ги користи Русиј, а за кои Вашингтон и Киев тврдат дека ги испорачал Иран, а Москва и Техеран тоа го негираат, па тоа сѐ уште нема физички доказ.

Иран претходно соопшти дека евентуални испораки на негово оружје никогаш не биле опфатени со нуклеарниот договор и оти тоа е негово внатрешно прашање. Западните земји инсистираат Гутереш да испрати функционери во Киев да го истражат нивното тврдење, а Техеран и Москва се уверени дека тоа досега можело да се стори и украинската страна да ги достави евентуалните докази и стравуваат дека претставниците на ОН ќе бидат под силен притисок од западните и украинските функционери во Украина.

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан лани изјави дека Техеран ја снабдувал Руската Федерација со беспилотни летала, но многу пред почетокот на војната во Украина, а не како што тврдат западните земји предводени од САД и Велика Британија во текот на последните месеци, во обидот да наметната нови санкции за Иран и во пропагандната војна да го наметнат мнението дека руската војска нема доволно средства за водење војна.

Русија негира дека ги користи иранските дронови „Шахед-136“ во нападите врз воени цели и клучната енергетска инфраструктура во Украина и тврди дека станува збор за беспилотните летала од домашни производство. Руското Министерство за одбрана објавува видео материјали на кои се прикажани акции на уништување на украинска воена опрема со беспилотните летала „Куб“ и „Лансет“, кои ги користи од минатата пролет а за кои Западот и Киев тврдат дека наводно се иранските беспилотни летала „Шахид-132“.

Според некои извори, Москва на Техеран пред неколку години му ја предал оваа технологија до којашто дошла со индустриска шпионажа, а според други руската индустрија ги произведува според иранска технологија до која е дојдено со своевремено „киднапирање“ на американски дронови во Авганистан.