САД испратија уште еден дрон на местото на инцидентот во Црното Море

Соединетите држави испратија уште едно беспилотно летало на месото на инцидентот со руските ловци по кој разузнавачкиот дрон од моделот „MQ-9 Reaper“ се урна во Црното Море и ги преоценуваат операциите со беспилотни летала во областа, пресметувајќи ги придобивките и ризиците поврзани со таквите летови, извести телевизијата CNN цитирајќи неименувани функционери.

Американската војска нема намера целосно да ги запре летовите на беспилотните летала во регионот на Црното Море во непосредна близина на областа каде се одвиваат судирите на руските и украинските сили, додека не заврши анализата, додале соговорниците на CNN.

Набргу по загубата на скапото летало од „MQ-9 Reaper“ кое се смета за едно од најсовремените на светот во моментов кое чини колку и напреден борен авион а може да биде користено покрај во операции за набљудување и собирање податоци и во јуришни дејствија, САД испратиле исто такво летало во зоната на падот. Неговата главна задача е да врши надзор на руската војска и нејзините наводни обиди да ги извлечат остатоците од дронот од морското дно.

Истовремено, се наведува во прилогот на CNN, Пентагон има намера „да ги анализира негативните последици и придобивките од таквите мисии, оценувајќи ја потенцијалната вредност од разузнавачките информации добиена од таа област, наспроти ризикот од ескалација на тензиите со Русија“.

Според истите извори, Вашингтон планира следните денови да лансира уште едно такво беспилотно летало над Црното Море.

САД соопштија дека утрото на 14-ти март два руски борбени авиони „Су-27“ изведувале опасни маневри во близина на американското безбедносно летало, исфрлајќи гориво над него а во еден маневар еден од ловците го оштетил пропелерот на леталото по што тоа морало контролирано да биде урнато во морето. Во четвртокот, Пентагон објави видео за кое се тврди дека е снимка од „блискиот контакт“ меѓу рускиот авиони и американскиот дрон“.

Руското Министерство за одбрана објави дека руските ловци забележале американско беспилотно летало како се приближува до руската граница во областа на полуостровот Крим. Се наведува и дека дронот летал „со исклучени транспондери“ и дека го „прекршил привремениот режим на користење на тој воздушен простор воспоставен поради специјална воена операција“ во Украина, за кои САД како и целата меѓународна заедница е известена. Москва негира дека имало каков и да е контакт меѓу двете летала, и дека дронот се урнал откако направил остро маневрирање и предупреди дека таквите американски летала собираат разузнавачки информации кои потоа ѝ ги предаваат на украинската армија за операции против руските сили.