САД истапија од договорот за нуклеарно разоружување со Русија, Москва потврди дека договорот е мртов

САД во петокот и формално се повлекоа од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty), потпишан со тогашниот Советски сојуз во 1987 година, обвинувајќи ја сега Русија дека го крши, а Москва возвраќа дека Вашингтон веќе две години работи на развој и производство на ваквите ракети со што го прекршил договорот.

Aмериканскиот претседател Доналд Трамп ланскиот 20-ти октомври најави дека САД предвидуваат излегување од Договорот за елиминација на проектилите со среден и мал дострел (INF – Intermediate Nuclear Forces Treaty) кој во 1987 година го потпишаа тогашните лидери американскиот и последниот советски челник, Роналд Реган и Михаил Горбачев. Договорот INF беше потпишан на 8-ми декември 1987 година, а стапи на сила на 1-ви јуни 1988 година. Со него се опфатени распоредените и нераспоредените проектили со помал дострел, од 500 до 1.000 километри, и со среден дострел, од 1.000 до 5.500 километри.

Како причина за одлуката Вашингтон го истакнува наводното руско кршење на договорот, што Мосвка го отфрла и за истото ја обвинува американската страна, предупредувајќи оти изгледа дека САД се подготвуваат за војна.

„САД нема да останат страна во договорот кој Русија намерно го крши. Руското непридржување до договорот ги загрозува најважните американски интереси, бидејќи рускиот развој и поставувањето на теренот на ракетниот систем претставува директна закана за Соединетите држави и нашите сојузници“, изјави во петокот американскиот државен секретар Мајк Помпео.

Веднаш потоа, руското Министерство за надворешни работо во кусо посмено соопштение потврди дека споменаиот договор INF престанал да важи „по иницијатива на САД“.

„На 2-ри август 2019 година по иницијатива на американската страна престана важноста на Договорот меѓу СССР и САД за елиминирање на ракетите со среден и кус дострел, потпишан во Вашингтон на 8-ми декември 1987 година“, се истакнува во соопштението објавено на официјалната страница на руската дипломатија.

Високи функционери од американската администрација, кои сакале да останат анонимни, рекле за агенцијата Reuters дека Русија „распоредила повеќе баталјони крстосувачки ракети“ ширум руската територија спротивно на договорот, вклучителни и на западот од земјата, „кои може да погодат клучни европски цели“.

Русија ги отфрла овие обвинувања, тврдејќи дека споменатиот проектили според својот дострел не се опфатени со договорот, и ги обвинува повторно САД дека измислуваат изговори за да истапат од договорот за да го продолжат планираното производство на нови проектили. Станува збор за проектилот „Новатор 9М729“, кој НАТО го класификува под ознаката „SSC-8“. Москва, исто така, го отфрли американското барање да го уништи овој нов проектил.

Вашингтон две години пред да ја обвини Русија за кршење на договорот INF, започнал со подготовки за производство проектили кои се сабранети со споменатиот договор, соопштија во саботата од руското Министерство за одбрана. Според сознанијата на министерството, од јуни 2017 година американската воено-индустриска корпорација „Raytheon“, во градот тусон во сојузната држава Аризона, започнала програма за проширување и модернизација на производствените капацитети за изработка на проектили со среден и кус дострел. Во текот на изминатите две години, областа на која се простира споменатата фабрика е зголемена за 44 отсто, од 55 на 79 илјади квадратни метри, а бројот на вработените на речиси две илјади, се вели во извештајот подготвен за медиумите на брифингот на руското министерство за одбрана. Покрај тоа, како што обвинува официјална Москва, во ноември 2017 година, речиси истовремено со почетокот на проширувањето на капацитетит на фабриката во Тусон, американскиот Конгрес ја доделил првата транша од 58 милиони долари на Пентагон, директно наведувајќи „За развој на копнена ракета со среден дострел“.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјавуваше претходните години дека сака да склучи нов договор со Русија во кој ќе биде вклучена и Кина со кој ќе се контролира вооружувањето од „новата генерација“, кој би ги опфатил сите видови нуклеарно вооружување. Пекинг одговори дека ваков договор не ја интересира во моментов. Според некои експерти, Пекинг во случај да се направат сериозни обиди да биде вклучен во новите преговори за Договорот за намалување на стратешкото оружје (СТАРТ-3), ќе бара Русија и САД своите стратешки офанзивни потенцијали да ги намалат за седум пати.

Загриженоста на американските сојузници во Европа поради одлуката на Вашингтон, ја подгреа своевремено и изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дадена кон крајот на ланскиот октомври, во којашто предупреди дека американското повлекување од договорите за разоружувања, како што е договорот за поседување нуклеарно оружје со срден и кус дострел, ќе доведе до трка во вооружувањето и до извонредно опасна ситуација, и ги предупреди европските земји дека може да станат цел доколку на своја територија разместата американски стратешки проектили.