САД ја „минираат“ офанзивата на Белград

Во пресрет на посетата на српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ на Гренада, минатата седмица на земјите од Карибите, им биле дадени „насоки“ од американскиот Стејт департмент за тоа каков став треба да заземат, што подразбира и поддршка за Приштина, пишува во своето денешно издание белградскиот дневен весник „Вечерње новости“.

Ние ја поттикнуваме вашата влада силно да го потврди признавањето на Косово како полноправна членка на меѓународната заедница од прогласувањето независност во 2008 година. Косово го признаа повеќе од 100 членки на ОН и продолжува да напредува како независна и мултиетничка демократија. Дополнителните билатерални и мултилатерални признавања на Косово ќе придонесат за поголема стабилизација во Европа, а изолацијата на Косово и нејзините граѓани е рецепт за нестабилност, се некои од сугестиите кои им биле упатени на земјите од регионот“, се наведува во таканаречена нота, во која бил посочен и точниот датум на посетата на српскиот министер за надворешни работи на Карибите, објавува белградскиот весник.

Претпоставувајќи дека Дачиќ доаѓа да лобира за повлекување на признавањето на Косово, во тој документ се наведува дека тоа ќе ги „охрабри назадните елементи во регионот, кои работат на поткопување на напорите за нормализација помеѓу Косово и Србија и се противат на интеграцијата на целиот регион во евроатланските институции“. Покрај тоа, се истакнува дека таквиот чекор „делува против клучните напори на САД и Европската Унија за решавање на кревкоста на регионот“.

Во наведената нота упатена до карипските земји, САД од нив бараат да го поддржат и членството на Косово во Интерпол, со облазложение дека тоа „ќе ги зајакне меѓународните напори во борбата против криминалот и тероризмот, а дека само криминалци имаат корист од статус кво“, пишува белградскиот весник.