САД, Кина и Русија се борат за влијание преку вакцините, Европа нема што да понуди

Сопственоста врз вакцините, исто така, има и геополитичко значење. САД, Кина и Русија се борат за влијание во светот. Само Европа нема што да понуди, се наведува во анализата на германскиот весник „Ханделсблат“.

На средбата на шефовите на држави и влади од земјите на Г7, во петокот, фокусот на разговорите, меѓудругото, беше и на глобалната стратегија за вакцинација. Причините што стојат зад ова се едноставни: Големите бели петна на картата за вакцинација се крајно опасни за индустриските земји.

Германија, во текот на годината, ќе се обиде да се справи со вакцинацијата, доколку може. Меѓутоа, доколку стапката на вакцинации ширум светот не се изедначи, постои опасност од нови мутации, против кои вакцините може да бидат помалку ефикасни, пишува весникот.

Не мораше да се биде пророк за да се предвиди дека САД или Велика Британија ќе бидат претставени како модели на самитот на Г7. Доколку од списокот на шампиони во вакцинирањето се тргне Израел, англосаксонците се пред другите индустриски развиени земји. Причината за тоа лежи во фактот што тие го прифатија принципот „колку и да ме чини“ и однапред обезбедија голема количина вакцини.

Во Германија, овој пристап беше осуден како вакцинациски национализам, без споменување на специфични имиња. Многумина веројатно сметаат дека ова е морално исправно. Единствената фатална работа е што наскоро никој веќе нема да погледне во Европа во однос на успешните стратегии за вакцинација во светот.

ЕУ, предводена од германската претседателка на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја избра стратегијата на купување за која политичарката од ЦДУ сега признава дека не е во ред. Брисел е критикуван токму за ова. Министерот за здравство Јенс Шпан и канцеларката Ангела Меркел се уште смело ја бранат својата партиска колешка. Меѓутоа, мислењето на претседателот на ЦСУ, Маркус Зудер, и вицеканцеларот Олаф Шолц е сосема поинакво.

Но, да се вратиме на светската сцена. Доколку новиот американски претседател Џо Бајден биде толку успешен што до лето успее да вакцинира доволно Американци за да ја контролира пандемијата, тој, се разбира, ќе ја искористи вакцинацијата како геополитичка алатка. Конкуренцијата меѓу големите сили на влијание во светот во моментов се одвива преку вакцините.

Јужноамериканскиот пример во областа на вакцинацијата – Чиле, ја користи кинеската вакцина. Русија го нуди својот „Спутник V“ ширум светот. Овие околности, се разбира, ќе остават свој белег во меѓународните односи.

Само Европа нема што да понуди во моментов. Таму ќе бидат среќни доколку можат да обезбедат вакцини барем за сопствените граѓани. Германија се уште може да се пофали дека развила две вакцини. Во помалку развиените земји ќе биде тешко да се организира складирање на вакцините во замрзнувачи и нивната дистрибуција. Независно од тоа, може да се забележи некаков придонес од Германија во глобалниот пристап.