САД критикуваат дека самитот на ОН за Covid-19 е сцена за кинеската „пропаганда“

САД критикуваа во средата дека виртуелниот самит на Обединетите нации на светските челници посветен на пандемијата на Covid-19 е осмислен за да ѝ овозможи на Кина да ја шири својата „пропаганда“, што ги разгоре повеќемесечните превирања во светската организација меѓу двете светски сили.

Во четвртокот подоцна по македонско време ќе започне специјалното заседание на Генералното собрание на ОН на коешто ќе учествуваат 53 претседатели на држави, 39 премиери и 38 министри, меѓу кои и американскиот министер за здравство и социјална грижа Алекс Азар и кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји, а видео-обраќањата на челниците се однапред снимени.

Во рамките на овој настан, инаку, во средата рускиот министер за здравствио Михаил Мурашко, ја претстави вакцината против коронавирусот „Спутник V“, која уште во август стана првиот ваков препарат во светот кој доби одобрување за користење и пред добивањето на резултатите од финалната фаза од испитувањата.

Висок американски функционер, под услови да остане анонимен, изјвил за Reuters дека специјалната седница на 193-членото Генерално собрание на светската организација требало да се одржи порано, дека таа е „осмислена за да ѝ служи на Кина“ и се пожалил дека прашањата на панел-дискусиите во петокот ќе бидат ограничени.

„Кина тоа ќе го искористи во своја полза“, рекол неименуваниот функционер додавајќи „Очекувам дека овие два дена ќе направат многу, многу ефикасна пропагандна претстава“.

Портпаролот на кинескта мисија при ОН во Њујорк изјавил дека американската „политизација на ова прашање не е во интересот на меѓународната заедница“.

Без директно да ги споменува САД, порптаролот рекол дека „Доколку одредена земја инсистира, повторно ќе се најде изолирана и ќе заврши со неуспех. Кина ќе ја зајакне комуникацијата и соработката со другите држави членки и ќе даде позитивен и конструктивен придонес“.

Американскиот претседател Донал Трамп во неговата кампања на обвинувања дека Кина криела информации за коронавирусот а светската организација нарекувајќи ја „киенска марионета“ ја толерирала, претходно годинава го скрати американското финансирање на Светската здравствена организација (СЗО – WHO) и најави дека САД ќе ја напуштат оваа организација чие седиште е во швајцарска Женева. САД на годишно ниво уплаќаат по 450 милиони долари во СЗО, додека уделот на Кина изнесува околу 40 милиони долари годишно.

Повлекувањето на САД од СЗО, според договорите и прописите, треба да стапи на сила во јули следната година, но веројатниот следен американски претседател Џо Бајден најави дека ќе го повлече овој чекор.

Претставници на администрацијата на американскиот претседател Трамп изјавија дека очекуваат оти Пекинг оваа седмица во ОН ќе ја изнесе приказната дека коронавирусот постоел во странство пред да биде откриен во кинескиот град Вухан во декември 2019 година, а тоа тврдење во моментов во СЗО го сметаат „само за нагаѓање“.

Тензиите кои долго тлееја меѓу САД и Кина и ОН се разгореа поради пандемијата и на површината ги изнесоа настојувањата на Пекинг за поголемо мултилатерално влијание, како предизвик за традиционалното лидерство на Вашингтон, чие јакнење повторно го најавува и Бајден.