САД може да распоредат до 15.000 војници на границата со Мексико

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во средата дека САД би можеле да распоредат до 15.000 војници на границата со Мексико, за да го спречат влегувањето на американска територија на колоната мигранти од централноамериканските земји.

„Што се однесува до поворката на мигрантите, нашата војска е распоредена. Имаме околу 5.000 војници и ќе одиме до 10.000 или 15.000“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.

Двата карвана со околу шест илјади луѓе од Централна Америка, во моментов се на југот од Мексико и продолжуваат да се движат кон границата на САД, каде што мигрантите планираат да поднесат барање за азил.

„Имиграцијата е многу важна и многу опасна тема“, додаде Трамп во изјавата дадена во градината на Белата куќа, пред да замине во сојузната држава Флорида каде што се одржуваше предизборњен собир.

Пентагон досега одобри распоредување на околу 5.200 војници на границата меѓу САД и Мексико, на коишто ќе им се придружат на околу 2.100 веќе мобилизирани припадници на Националната гарда. Оваа операција под називот „Верен патриот“ треба да ја зајакне границата од Тексас до Калифорнија и да им даде логистичка поддршка на агентите од службите за царина и заштита на гранциите во другите послабо заштитени зони.