САД не го одобруваат ‘дестабилизирачкото’ однесување на Кина во Индопацифичкиот регион

САД не го одобруваат однесувањето на Кина кое го дестабилизира Индопацифичкиот регион, изјави во неделата американскиот министер за одбрана Марк Еспер и го обвини Пекинг за „предаторска“ економија, кражба на интелектуална сопственост и милитаризирање на светските богатства.

Изјавите на Марк Еспер, кој е на своето прво патување во странство во својство на министер за одбрана на САД, претставуваат уште една закана за и онака влошените односи меѓу Вашингтон и Пекинг кои се влезени во една засега јавно необјавена но жестока трговска војна со меѓусебно наметнување царини во износи од стотици милјарди долари.

„Цврсто веруваме дека една држава не може и не треба да доминира во Индопацифичкиот регион, и заедно со нашите сојуници и партнери работиме на тоа да ги решиме итните безбедносни потреби во регионот“, рече Еспер за новинарите во австралиски Сиднеј.

Сѐ поголемата активност и решителност на Кина, особено во Јужното Кинеско Море, кое е богато со енергенси и минерали и е важен поморски пат преку кој се одвива трговија која се проценува на пет трилиони долари годишно, предизвикува загриженост кај САД и нивните регионални сојузници. Вашингтон се обидува да ја оспори поморската доминација на Кина во регионот, и бара посилна поврзаност со земјите кои му се спротиставуваат на Пекинг.

„Исто така, цврсто се противиме на вознемиравачкиот образец на агресивно и дестабилизирачко однесување на Кина“, рече Еспер. Ја обвини Кина за „милитаризирање на светските богатства“, за „граблива економија“ и поттикнување „кражби на интелектуалната сопственост на другите земји со поддршка на државата“.

Кина ја предизвика жолчната реакција на САД со поставување воеан опрема и други постројки на вештачките острови и гребени кои ги изгради во подрачјето на Јужното Кинеско Море, на кое претендираат и регионалните американски сојузници. Пекинг тврди дека има надлежност над голем дел од овие води, но Малезија, Филипини, Тајван и Виетнам, исто така, тврдат дека имаат право на тие води.

Американскиот државен секретар Мајк Помпео во петокот на средбата на Асоцијацијата на земјите од југоисточна Азија (ASEAN) ја осуди „деценијата на лошо однесување“ на Кина, за што рече дека ја отежнало слободната трговија, во обидот да ја оправда сѐ поголемата ескалација на трговската војна меѓу Вашингтон и Пекинг, која се разгоре поради настојувањата на САД да го намалат огромниот дефицит во тргувањето со Кина.

Американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот најави воведување на уште 10 отсто царини на кинески стоки во изност од 300 милијарди долари, со што ги вчудовиде финансиските пазари и го заврши едномесечното примирје во трговската војна. Кина во петокот вети дека ќе возврати и на овој удар од Вашингтон.