САД не итаат во преговорите со Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека немаат потреба од брзање во преговорите за денуклеаризација на Северна Кореја, одговарајќи на бројните прашања за наводниот застој во преговорите.

„Многумина прашуваат како напредуваат нашите преговори со Северна Кореја, и секогаш одговарам дека нема брзање… Постои огромен потенцијал за голем економски успех на таа земј, Ким Џонг-ун знае подобро од сите и ќе знае целосно тоа да го искористи“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter заклучувајќи дека „се’ се одвива добро“, но без да даде конкретни елементи за можните разговори кои се во тек.

Трамп се сретна со Ким во јуни во Сингапур, кога стана првиот американски претседател на власт кој се ракувал со еден од династијата Ким којашто ја основаше комунистичка Северна Кореја во 1948 година. Иако американскиот претседател редовно ја споменува новата средба со севернокорејскиот челник, преговорите за целосна денуклеаризација на Корејскиот полуостров, според се’ судејќи, се во застој.

Пјонгјанг ненадејно во последен момент без обајснувања ја откажа средбата предвидена во ноември во Њујорк, меѓу американскиот државен секретар Мајк Помпео и соработникот на севернокорејскиот лидер за надворешни работи Ким Јонг-чол. Американската дипломатија ветуваше презакажување на новата средба, но досега тие изјави се без резултат, а Стивен Биеган, специјалниот пратеник за Северна Кореја на американскиот државен секретар, именува во август, уште не ги започна разговорите со севернокорјеските колеги.

Во меѓувреме, САД во понеделникот воведоа санкции против уште тројца севернокорејски функционери, вклучително и блискиот соработник на Ким, поради „цензура и постојани и сериозни кршења на човековите права“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.