САД не се согласуваат со идејата на Путин за надминување на прехранбената криза

Вашингтон ја отфрлија забелешката на рускиот претседател Владимир Путин искажана во телефонскиот разговор со италијанскиот премиер Марио Драги од четвртокот дека моменталната глобална прехранбена криза е отежната поради антируските санкции, но оти Русија е подготвена да го извезува житото и вештачките ѓубрива доколи тие бидат укинати.

Претходно во четвртокот портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков ги отфрли обвинувањата од западните земји според кои Москва од почетокот на нејзината воена офанзива во Украина го попречува извозот на украинските житарки што може да предизвика глобална прехранбена криза, и го обвини Западот за блокада на украинскиот извоз.

Истовремено, Москва потсетува дека испловувањето на бродовите со суровини од украинските пристаништа е ризично, особено поради подводните мини кои украинската војска ги поставила пред пристаништата во Црното Море, а од средината на седмицата се отвораат ткн „хуманитарни коридори“ за испловување на странските бродови.

Меѓутоа, портпаролката на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, тврди дека неиспораките на украинското жито е поради поморската блокада а не поради санкциите.

„Во моментов нема разговор за укинување на санкциите. Нема разговори. За ова е виновна Русија“, упорна беше Жан-Пјер.

„Русија итно треба да ја запре војната со Украина. Русија активно го блокира извозот на храна од украинските пристаништа поради што се зголемува гладот во светот. Ова е нивно дело“, повтори портпаролката на Белата куќа.

Украина, која е голем извозник на житарки, во прв ред пченка и пченица, е оневозможена да произведува во толкав обем како претходно поради војната. Русија, пак, е вториот најголем светски производител на житарки, не може да го извезува своето производство и вештачкото ѓубриво што е неопходно за земјоделското производство во многу земји во светот, поради западните санкции воведени за финансискиот и логистичкиот сектор.

Последните седмици, Западот ја повикува Русија да дозволи извозот на украинското жито, повикувајќи се на тврдењата на Киев дека Русија наводно ги блокира украинските пристаништа на Црното Море. Украина во средата ја обвини Русија за уцена и го повика Западот да не ги укинува санкциите додека Москва не ја прекине војната.