САД не собра доволно гласови во Генералното Собрание да го осуди Хамас

Wide view of the Hall General Assembly Seventy-second session, 93rd plenary meeting Election of five non-permanent members of the Security Council

Резолуцијата на САД за осуда на палестинското екстремистичко движење Хамас за ракетниот напад против Израел, не доби доволна поддршка во Генералното собрание на Обединетите нации.

Нацрт-резолуцијата доби 87 гласа „за“, вклучувајќи ги и тие на членките на Европската унија, и 58 „против“, со што не успеа да го обезбеди потребното двотретинско мнозинство за усвојување. Вкупно 32 земји беа воздржани.

Амбасадорката на САД во ОН, Ники Хејли пред гласањето ја образложи резолуцијата, која требаше да биде прва официјална осуда на Хамас од страна на Обединетите нации, како „крајно неопходен чекор“ за постигнување мир на Блискиот Исток и ги повика земјите членки да го поддржат текстот.

Хејли потсети на многуте резолуции усвоени од Генералното собрание кои го критикуваа Израел и истакна дека овој предлог-текст за Хамас ќе биде можност ОН да „исправат една историска неправда“.

Отфрлувањето на резолуцијата, Хамас го оцени како „шлаканица“ за Администрацијата на американскиот претседателот Доналд Трамп.

– Неуспехот на напорите на САД во Обединетите нации претставува шлаканица за американската Влада и потврда за легитимноста на отпорот, огромната политичка поддршка за палестинскиот народ и палестинската кауза, изјави портпаролот на палестинското движење Сами Абу Закри.