САД: Нови правила за барање азил за граѓаните од Централна Америка

32

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп преку воведување на нови правила за поднесување на азил во САД ќе се обиде да го ограничи бројот на мигранти од Централна Америка, пренесува Би-би-си.

Според новите правила, мигрантите кои патуваат преку друга земја пред да пристигнат на границата со САД ќе бидат неподобни за добивање на азил во земјата. Исклучок ќе бидат само мигрантите кои биле жртва на трговија со луѓе.

Десетици илјади семејства имигранти од Централна Америка патуваат низ Мексико кон САД секој месец, а многумина од нив завршуваат со барање за азил.

Администрацијата на Трамп смета дека семејствата на имигрантите ги користат правните дупки во законите при што им овозможуваат на мигрантите да влезат во земјата, додека чекаат одговор на лажни барања за азил.

Ваквата одлука сигурно ќе биде правно оспорена, според Асошиејтед Прес.

Американските закони им дозволуваат на имигрантите да поднесат барање за азил, независно како дошле. Но, има исклучок за оние кои пристигнале преку земја која важи за „безбедна“.

Имиграционите групи тврдат дека политиката на актуелната администрација е бескрупулозен обид да се одвратат имигрантите од земјата.

Најавувајќи ги промените на правилата, јавниот обвинител Бил Бар изјави дека овој чекор ќе ги обесхрабри економските мигранти да го експлоатираат американскиот систем за доделување на азил.

„САД е многу великодушна земја, но во моментов е целосно преоптоварена со илјадниците луѓе на јужната граница“, истакна Бар.

Чекорот на американската аминистрација доаѓа откако судот во Гватемала привремено го блокираше договорот за миграција со кој земјата во Централа Америка се карактеризира како „безбедна трета земја“.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.