САД обвинија двајца кинески државјани за сајбер шпионажа

Американското министерство за правосудство подигнало обвинение против двајца државјани на Кина поради хакирање на американската воена индустрија, податоци за коронавирусот и податоци на други компании ширум светот, се анведува во судската тужба објавена во вторникот.

Американските власти наведуваат дека кинеските државјани Ли Ксиаову и Донг Џиажи учествувале во долгогодишна кибернетичка шпионаќа и украле податоци, меѓу другото, за дизајн на оружја, за лекови и изворни кодови на софтвери.

Кинеската амбасада во Вашингтон засега не реагираше на обвинението, пренесува Reuters.

Не се именувани погодените компании, но се наведува дека Ли и Донг украле теребајти податоци од компјутери ширум светот, вклучително и од САД, Велика Британија, Германија, Австралија и Белгија.

Во обвинението се наведува и дека двајцата обвинети биле најмени од кинеското министерство за безбедност, кое според западните влади е кинеската разузнавачка агенција.

Американските обвинители тврдат дека кинеското министерство за безбедност ги известило хакерите за ранливоста на информативниот систме за да можат тие да ги остварат целите и да украдат податоци. Меѓу целите на нивните активности наводно биле и демонстрантите во Хонгконг, канцеларијата на Далај лама и кинеска христијанска непрофитна организација.

Кинеските хакери, според обвинението, оперирале во периодот од 2014 до 2020 година, а неодамна се обиделе да украдат податоци од изстражувања за канцер.